Компанијата "Microsoft", сопственик на комуникациската платформа "Skype", објави дека на 5 мај официјално ќе ја изгаси оваа услуга, ставајќи крај на нејзиното повеќе од две децении долго постоење.
"Skype" беше првата платформа која од 2003 година им овозможи на корисниците бесплатни аудио и видеоповици преку интернет, од компјутер до компјутер, пренесувајќи ги фиксираните и мобилните комуникации во дигитална форма преку мрежа.
Од "Microsoft" истакнаа дека нивната цел е да ја поедностават понудата за корисниците и да се фокусираат на својата деловна платформа – "Microsoft Teams", на која во наредните денови ќе бидат пренасочени милионите преостанати корисници на "Skype", пренесува "Independent".
Во соопштението со кое се најавува крајот на "Skype", "Microsoft" – кој ја купи платформата во 2011 година за 8,5 милијарди долари – признава дека ова е чин на „отстранување од апарат за одржување во живот“, на кој "Skype' реално бил приклучен веќе десет години.
Една од причините за падот на "Skype", според експертите, е тоа што платформата не беше доволно адаптирана за паметни телефони, и не можеше да се натпреварува со новите генерации апликации дизајнирани за далечинска работа, како што е "Zoom".