Формула 1 би можела на крајот од сезоната да го забележи најголемиот трансфер во својата историја.
Четирикратниот актуелен светски шампион, Макс Ферстапен, добил понуда вредна 264 милиони евра за да го напушти тимот на Ред Бул по завршувањето на сезоната.
Според информациите објавени од италијанската "Gazzetta dello Sport", понудата доаѓа од тимот на "Aston Martin".
Оваа астрономска сума се однесува на тригодишен договор, за сезоните 2026 – 2028. Според наводите на изворите, зад понудата стои Суверениот инвестициски фонд на Саудиска Арабија — "Public Investment Fund" (PIF).
"PIF" веќе поседува 20% од "Aston Martin Lagonda", а преку нафтениот гигант "Aramco" е и главен спонзор на "F1" тимот на "Aston Martin".
Доколку Ферстапен ја прифати понудата, неговата моментална годишна плата од околу 50 милиони евра би скокнала на 88 милиони евра.
Вреди да се спомене дека договорот на Ферстапен со Ред Бул важи до крајот на 2028 година, но според написите, постојат одредени клаузули кои овозможуваат раскин на договорот уште по крајот на оваа сезона.
„Постојат клаузули за раскин кои би му дозволиле да се ослободи веќе на крајот од ова првенство“, пишува "Gazzetta".
Ако Ферстапен се одлучи за премин во "Aston Martin", повторно би соработувал со легендарниот дизајнер на болиди, Адријан Њуи.
Њуи, кој е еден од главните архитекти на успесите на Ферстапен во "Ред Бул", веќе активно работи на развојот на болидот на "Aston Martin" за сезоната 2026, што сугерира дека британскиот тим сериозно ќе се бори за врвот во годините што следат.