Срцепарателна фотографија од палестинско момче кое ги загубило двете раце во војната во Газа, вчера беше прогласена за најдобра новинска фотографија за оваа година во светот (World Press Photo 2025).
Околу 60.000 фотографии направени од околу 4.000 фотографи од целиот свет се натпреваруваа за наградата „World Press Photo“ за 2025 година, соопшти жирито во четвртокот, а главни теми биле конфликтите, миграцијата и климатските промени.
Жирито со седиште во Амстердам ја одбрало за победничка фотографијата направена од палестинската фоторепортерка Самар Абу Елуф, која го прикажува деветгодишниот Махмуд Аџур. Аџур бил тешко повреден во израелскиот напад врз градот Газа во март 2024 година, при што во експлозијата ги загубил двете раце.
„Тивка фотографија која гласно зборува“
Инаку Аџур бил евакуиран во Катар, каде што живее со семејството во истата станбена зграда со Абу Елуф. Извршната директорка на натпреварувањето, Џоумана Ел Зеин Кури, истакнала: „Ова е тивка фотографија која гласно зборува. Ја раскажува приказната за едно момче, но и за една поширока војна која ќе има влијание со генерации“.
Исто така жирито рече дека Аџур „учи да ги користи своите стапала за да игра игри на телефонот, да пишува и да отвора врати“, но сепак му треба помош со секојдневните активности како што се јадењето и облекувањето. „Сонот на Махмуд е едноставен: тој сака да добие протези и да го живее својот живот како секое друго дете“, додаде жирито.
Фотографката Абу Елуф избегала од Газа во декември 2023 година и ги документирала тешките повреди на бегалците од крајбрежната енклава од почетокот на тековниот конфликт во октомври 2023 година, а фотографијата од Аџур ја направила за Њујорк Тајмс.
Останатите финалисти беа фотографија на Американецот Џон Мур на која се прикажани кинески мигранти како се загреваат покрај оган на границата меѓу САД и Мексико и делото на мексиканскиот фотограф Мусук Нолте за сушите во прашумите на Амазон.
Жирито избра вкупно 42 фотографии во различни категории. Победничките фотографии можат да се видат на изложби во повеќе од 60 градови.