Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денес предупреди дека учеството на странски лидери на воената парада по повод Денот на победата на 9 мај во Москва „нема да биде гледано позитивно“ во Европската Унија.
„Секое учество на парадата на 9 мај во Москва нема да биде сфатено лесно во Европската Унија, со оглед на тоа што Русија води војна во Европа“, изјави Калас на прес-конференција по состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Според неа, неколку министри изразиле таков став. Калас посебно нагласи дека ЕУ „не сака ниту една од земјите-кандидатки да учествува во настаните на 9 мај во Москва“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателот на Република Српска Милорад Додик и словачкиот премиер Роберт Фицо веќе го најавија своето учество на парадата во Москва.
Во исто време, Калас ги покани светските лидери да го посетат Киев за да покажат солидарност со Украина.
Украинската влада ги покани највисоките претставници на ЕУ да дојдат во Киев на 9 мај, а претседателот Володимир Зеленски изрази желба да биде домаќин на лидерите на земјите кои се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции за Украина на тој ден.
Високиот претставник на ЕУ, исто така, објави дека Унијата работи на 17-тиот пакет санкции против Русија, нагласувајќи дека санкциите за нафтата и гасот би имале значително влијание бидејќи Русија ги користи овие приходи за финансирање на војната.
„Дискусиите за ова се во тек и знаете дека ни е потребна согласност од сите 27 земји-членки“, додаде Калас, залагајќи се за најсилниот можен пакет санкции.