[ВИДЕО/ФОТО] Директор на Сименс Шпанија, неговата сопруга и трите деца загинаа во хеликоптерска несреќа во Њујорк

Макфакс

11/04/2025

07:53

6.102

Големина на фонт

а а а

Попладневното патување на семејство шпански туристи над замаглениот брег на Менхетен се претвори во трагедија кога хеликоптерот во кој се наоѓаа падна во река кај брегот на Њу Џерси, при што загина целото семејство и пилотот.

Сведоци на несреќата биле случајни минувачи кои виделе како хеликоптерот паѓа од небо и удирајќи во водата се превртува наопаку, додека делови од леталото паднале во реката.

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс изјави дека семејството е од Шпанија. Агустин Ескобар, неговата сопруга Мерс Кампруби Монтал и нивните деца, на возраст од 4, 5 и 11 години, се идентификувани како жртви на несреќата, заедно со 36-годишниот пилот, потврдија полициски извори за Еј-би-си Њуз.

Агустин Ескобар беше претседател и извршен директор на Сименс Шпанија.

Според полицискиот комесар на Њујорк, Џесика Тиш, службите за итна помош примиле повик во 15:17 часот. – пријавена е хеликоптерска несреќа во реката Хадсон во близина на паркот Пиер А во Хобокен, покрај брегот на Њу Џерси. По пристигнувањето, полицијата извлекла четири лица од водата, а пожарникарите извлекле уште две.

Четири лица се прогласени за мртви на местото на несреќата, а две се пренесени во болница, рече Тиш. Градоначалникот на Џерси Сити, Стивен Фулоп, изјави дека две деца биле пренесени во болница, но лекарите не можеле да ги спасат и тие исто така биле прогласени за мртви.


Актуелниот американски претседател Доналд Трамп го изрази своето сочувство преку Truth Social, велејќи: „Бог да ги благослови семејствата и пријателите на жртвите“.

„Сè што можам да ви кажам е дека сме уништени“, рече Мајкл Рот, директор на „Њујорк хеликоптер чартер“, кој е сопственик на хеликоптерот.


„Јас сум татко, дедо, а мојата сопруга плаче без престан од попладнево“, додаде тој.

На прашањето за техничката состојба на хеликоптерот, тој рече дека тоа е одговорност на директорот за одржување, кој одби да коментира.


Шпанскиот премиер Педро Санчез ја нарече несреќата „незамислива трагедија“ во објава на платформата Икс.

„Сите мои мисли се со семејството и пријателите на жртвите во овој момент“, напиша тој.