Титаник: Нов 3D приказ на остатоците открива детали за последните часови на бродот

Точка

09/04/2025

11:36

3.894

Големина на фонт

а а а

Детална анализа на дигитална снимка во природна големина од Титаник донесе нови сознанија за последните моменти на несреќниот брод.

Нов, извонредно детален 3D модел на остатоците од Титаник покажува со каква сила се преполовил бродот откако удрил во санта мраз во 1912 година.

Во бродоломот загинале 1.500 луѓе.

Снимката нуди нов увид во машинската просторија, потврдувајќи сведоштва дека инженерите работеле до самиот крај за да обезбедат осветлување на бродот.

Компјутерската симулација исто така укажува дека отвори со големина на лист хартија формат A4 на трупот биле доволни за да предизвикаат потонување.

„Титаник е последниот преостанат сведок на катастрофата, и сè уште има многу што да раскаже“, вели Паркс Стивенсон, истражувач на Титаник.

Снимката се користи за нов документарен филм на "National Geographic" и продукциската куќа "Atlantic Productions" – Титаник: Дигитално воскреснување (Titanic: The Digital Resurrection).


Остатоците, кои се наоѓаат на длабочина од 3.800 метри во студените води на Атлантикот, се снимани со помош на подводни роботи.

За изработка на дигиталниот модел во природна големина биле искористени над 700.000 фотографии од сите можни агли, кои "BBC News" ексклузивно ги претстави на јавноста во 2023 година.

Поради големината на остатоците и темнината што владее на таа длабочина, подводните возила досега овозможуваа само делумен приказ, додека "3D" снимката овозможува прв целосен увид во Титаник.


Големиот преден дел на бродот стои исправено на морското дно, речиси како да сè уште плови.

Сепак, на 600 метри подалеку се наоѓа задниот дел – крмата, која претставува куп извиткан метал.

Оштетувањата настанале кога тој дел од бродот силно удрил во морското дно откако се одвоил.

Новата технологија за мапирање овозможува поинаков пристап во проучувањето на бродот.

„Тоа е како место на злосторство – мора да ги видите доказите во контекстот на нивната положба“, вели Паркс Стивенсон.


„Целосен поглед на целата локација на остатоците е клучен за разбирање на она што навистина се случило.“

Снимката открива досега невидени детали, како на пример скршен прозорец кој, според експертите, е резултат на ударот во сантата.

Ова се совпаѓа со сведоштвата на преживеаните, кои раскажувале дека мраз навлегол во некои патнички кабини.

Експертите детално ја анализираат една од огромните котларници на Титаник.

Таа лесно се препознава на снимката – се наоѓа во задниот дел од предната половина, токму каде што бродот се преполовил.

Патниците изјавиле дека осветлувањето било вклучено дури и додека бродот тонел.


Дигиталната реплика покажува дека некои котли биле вдлабнати, што укажува на тоа дека биле активни до последен момент.

На палубата од задниот дел е откриен и вентил во отворена положба, што укажува дека пареата сè уште течела низ електричниот систем.

За тоа бил заслужен тим инженерски персонал предводен од Џозеф Бел, кој останале на должност и продолжил да фрла јаглен во котлите за да го задржат осветлувањето.

Сите загинале во несреќата, но нивниот херојски чин спасил многу животи, вели Стивенсон.

„До последниот миг одржувале осветлување и напојување, за да му дадат време на екипажот да ги спушти чамците за спасување под некакво светло, наместо во целосен мрак“, објаснува тој за "BBC".


„Одржувале контрола врз хаосот колку што можеле, а сè тоа е симболизирано со отворениот вентил кој сè уште стои на крмата.“

Новата симулација исто така дала дополнителен увид во самото потонување на бродот.

Компјутерската симулација е изработена според оригиналните цртежи на Титаник, и користени се податоци за брзината, курсот и позицијата на бродот, за да се реконструира оштетувањето од ударот во мразот.

„Користевме најсовремени нумерички алгоритми, компјутерски модели и суперкомпјутери за да го реконструираме точниот редослед на настаните по ударот“, вели професорот Џеом-Ки Паик од Универзитетскиот колеџ Лондон, кој го водел истражувањето.

Симулацијата покажува дека бродот не удрил директно во сантата мраз, туку ја допрел, но тоа предизвикало серија пукнатини долж тенкиот дел на трупот.

Титаник бил проектиран како „непотоплив“ брод, способен да плови дури и со четири поплавени оддели.


Но симулацијата пресметала дека мразот оштетил шест оддели.

„Разликата помеѓу тоа Титаник да потоне или не, се сведува на отвори со големина на лист хартија“, вели Сајмон Бенсон, доцент по бродоградба на Универзитетот во Њукасл.

„Проблемот е што тие мали отвори се протегаат по голем дел од бродот, па водата навлегува полека, но неминовно ги исполнува одделите, и на крајот Титаник тоне.“

За жал, тие оштетувања не може да се видат на 3D моделот, бидејќи долниот дел од предниот дел е покриен со седимент.

Трагедијата на патниците од Титаник сè уште е очигледна.


Лични предмети се расфрлани по морското дно.

Снимката дава нови сознанија за таа студена ноќ од 1912 година, но ќе бидат потребни уште многу години за експертите целосно да ја анализираат секоја ситница од оваа тродимензионална реплика.

„Ова открива парче по парче од приказната“, вели Стивенсон.

„И по секое ново сознание, секогаш сакаме да дознаеме уште нешто повеќе.“