Истрагата за трагедијата во Кочани е политички воден процес, тоа е фарса на добро организирана одбрана на вистинските виновници, велат од ДУИ

Макфакс

01/04/2025

13:12

460

Големина на фонт

а а а

Секој ден излегуваат нови докази, кои потврдуваат дека истрагата за трагедијата во Кочани е политички воден процес, а не професионален или уште помалку независен процес. Она што јавно ни се демонстрира воопшто не е истрага, туку фарса во насока на добро организирана одбрана на вистинските виновници, истакнува Арта Билали-Зендели од ДУИ.

Како што вели, 59 млади животи згаснаа во ужасна трагедија, а наместо одговорност од оние под чија заштита работел овој објект, оние што ги игнорирале и пријавите, и укажувањата, и неправилностите – системот од петни жили се труди да најде некој друг кому ќе ја префрли вината.

„Фактите што секојдневно излегуваат се сè појасни: Одредени професионалци во рамките на полицијата од Кочани не можеле да премолчат пред очигледните злоупотреби и подготвувале и испраќале таканаречени проблемски информации за состојбите во објектот ‘Пулс’.

Овие документи се најголемиот проблем на власта и нејзините полициски структури затоа што овие дописи не може да се игнорираат.

Токму затоа полициските структури, помогнати од власта, деноноќно работат на исполнување на нивниот монструозен план за префрлање на вината каде било, само не во сопствените редови.

Она што е јасно е дека преку овие архивирани дописи сите во полициската команда знаеле за малолетници што се забавувале по полноќ, за постојаните тепачки, за редовната дистрибуција на дрога, за безбедносните прекршоци, за очајните услови во кои работел објектот, па дури и за хаосот со паркирањето. Знаеле командирите во Кочани, началниците во Штип, раководителите во Бирото за јавна безбедност“.

Сето тоа, како што наведува, било документирано, било архивирано и сето тоа било и официјално пренесувано во целата полициска команда.

Според Зендели, наместо да преземат мерки, полицијата во март 2023 издала документи што му помогнале на газдата на „Пулс“ да добие лиценца.

„Наместо да го затворат објектот, тие му дале легален штит.

Повеќе од тоа, објектот работел цела година без никаква лиценца, а сите институции знаеле за тоа.

И не само што не реагирале, туку дозволиле реновирање, организирање на забави, а Управата за јавни приходи (УЈП) побарала била спречена да го затвори објектот.

И сега, после трагедијата, истите тие лица кои ги водат истите институции ја водат и истрагата, во која имаат основна задача да се заштитат самите себе.

Полициските структури, секако политички помогнати од власта, создаваат нова приказна во која ниту еден полициски раководител, ниту еден началник, ниту еден раководител на полицијата не е виновен.

Напротив, обвинет е поранешен министер за економија, човек кој никогаш не стапнал во Кочани, човек што нема апсолутно никаква надлежност за безбедносни проверки на објекти или контрола на локали“.

Оценува дека тука настапува монструозноста на овој план.

Како што додава, цинизмот со кој на јавна сцена не само што се прави обид да се скрие вистината и да се заштитат оние што се вистински одговорни, туку за тоа неправедно да се обвинат било кои поранешни функционери и претставници на опозицијата, претставува суштински монструозен план.

„Јасно е дека на власта не ѝ е потребна правда, туку алиби.

Тоа не смее да се премолчи и затоа јавно бараме:

Итна суспензија на целата командна структура по вертикала во МВР и Бирото за јавна безбедност, кои знаеле за проблемите со ПУЛС, а не реагирале.

Независна истрага, надвор од рацете на оние што ја овозможиле оваа трагедија, со цел да се утврди под чија заштита му е обезбедено на објектот ПУЛС да работи.

Отворање нов процес против сите оние кои активно работат на прикривање на вистината и креирање монструозни случаи како алиби за вистинските виновници“.

Нема да замолчиме, нагласува, и постојано ќе инсистираме на одговори затоа што не смееме да дозволиме оваа трагедија да биде покриена со лаги и монструозни манипулации.

Правда, според Зендели, мора да има.