„Левица, како автентичен претставник на обесправените работници, остро реагира на загрижувачките информации кои доаѓаат од вработените во ЈП „Македонски шуми”. Според бројни поплаки, ова Претпријатие е претворено во полигон за партиски злоупотреби, политички притисоци и директни закани кон работниците, додека вистинските проблеми остануваат нерешени“, велат од партијата Левица.
„Јавно го прашуваме заменик генералниот директор на ЈП „Македонски шуми”, Кире Михаилов, кадар на ДПМНЕ: Дали борбата против „шумската мафија“ е само параван за Ваша лична и партиска промоција? Веќе девет месеци, ЈП „Македонски шуми” е под Ваше раководство, а состојбата на терен не само што не се подобрува, туку станува сè понеподнослива за работниците. Наместо да ги решавате системските проблеми, сведочиме за политика на уцени, притисоци и заштита на партиските интереси на ДПМНЕ. Поради тоа, јавно Ве повикуваме да одговорите на следните прашања:
Зошто вршите притисок врз вработените да се откажат од тужбите за неисплатен К-15 за 2023 и 2024 година? Работниците имаат право на своите надоместоци согласно закон и колективен договор, но работниците кои го бараат своето право сведочат на директни закани и политички прогон.
Дали ги уценувате вработените да не поднесуваат тужби за теренски додатоци за 2023 и 2024 година? Дали додека работниците едвај врзуваат крај со крај, Вие и Вашите соработници ги наплатувате сите можни трошоци на грбот на Претпријатието?
Дали е точно дека користите службено возило за Вашите партиски активности и самопромоции, а трошоците ги покривате од буџетот на ЈП „Македонски шуми”?
Дали е точно дека не сте обезбедиле заштитна опрема (ХТЗ) за вработените кои се изложени на животозагрозувачки услови?
Дали е точно дека вршите притисок за вработените да не се приклучуваат кон синдикатот под Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), туку насилно им го наметнувате синдикатот под Ваша контрола – КСС?
Зошто фирми на кои им “висат” кривични пријави и кои имаат претходно издадена негативна референца, дозволувате повторно да учествуваат и добијат тендери за сеча и дотур?
Дали го поскапевте огревното дрво за околу 10% и дополнително ја зголемивте таксата за приватни шуми за 35%?
Дали како заменик генерален директор на ЈП „Македонски шуми” приоритет ви е глорификацијата на партијата и нејзините функционери, наместо професионално и одговорно управување со претпријатието?
Работничката класа има право да живее и работи достоинствено, а не во страв и под партиски диктат! Левица нема да дозволи ова изживување врз работниците да продолжи и ги повикуваме вработените кои трпат било какви притисоци да продолжат да ни се обраќаат за соодветно и, по потреба, институционално да реагираме“, се наведува во соопштението на партијата Левица.