Британскиот водител Џереми Кларксон повторно ја разгоре старата расправија со Илон Маск – кој денес, покрај тоа што е шеф на „Tesla“, е и сеприсутна политичка фигура. Целата приказна започна уште во 2008 година со негативна рецензија за автомобил на Tesla во емисијата „Top Gear“.
Во последните неколку недели, во САД и ширум светот, нападите врз автомобилите и дилерите на „Tesla“ стануваат сè почести, а причината е зголемената улога на Маск во американската политика.
„Оваа глобална одлука повеќе да не се поддржува „Tesla“ и да се кршат крилни ретровизори на што е можно повеќе нивни автомобили – не е смешна“, напиша Кларксон во својата колумна за „Sunday Times“. „Но, морам да признаам, ми е малку смешно. Особено ако ти си – јас“.
Маск, најголемиот донатор на претседателската кампања на Доналд Трамп во 2024 година, доби лабаво дефинирана улога во новосоздадениот Оддел за владина ефикасност (DOGE), каде што ги води иницијативите за намалување на владиниот апарат на САД. Оваа позиција, заедно со неговото однесување на социјалните мрежи, споделувањето екстремно десничарски содржини и контроверзниот поздрав што го изведе во јавноста по победата на Трамп, го претворија во главна цел на противниците на новата администрација - а неговите производи, како „Tesla“, во симболи за уништување.
Сè започна во 2013 година
„Работите стигнаа толку далеку што еден мој познаник, кој мислеше дека ѝ помага на планетата (и притоа штеди на градски патарини), сега стави налепница на неговата „Tesla“ со натпис дека ја купил пред да знае дека Маск е идиот“, напиша Кларксон.
Кларксон вели дека Маск го тужел (поточно, „Tesla“ го тужела BBC) пред 17 години по, како што вели, „строгата, но фер“ рецензија на „Tesla Roadster“ на „Top Gear“ на „BBC“, своевремено една од најгледаните емисии во светот.
Во десетминутниот прилог игра, Кларксон, во свој стил, со потсмев зборуваше за „еколошките автомобили на погон на кафеав ориз“ - но имаше и пофалби за „библиски брзиот“ Roadster. Меѓутоа, за време на тестот, еден од двата автомобила Roadster се расипал.
Кога во 2013 година во емисијата „Newsnight“ на „BBC“ го прашаа за таа рецензија, Маск рече: „Не би ставил сè во „BBC“ под „Top Gear“ - всушност го сакам 'BBC'“. Но, тој додаде: „Емисијата на Кларксон е повеќе забава отколку реалност. Повеќето луѓе го знаат тоа – но не сите. Уживав во голем број негови емисии - не е дека го мразам „Top Gear“. Смешен е, знае да биде саркастичен, но има силен презир кон електричните автомобили.“
Во продолжение на својата колумна, Кларксон пишува: „Тој ја изгуби тужбата. Ја загуби жалбата. И никогаш не го преболи тоа. Сè уште тврди дека сум бил пристрасен и дека сме го лажирале дефектот на автомобилот – иако навистина се расипа. Требаше да го тужам, но се плашев дека ќе ме нарече педофил. Затоа решив да чекам на брегот – додека брановите не го исфралт телото на брегот. И еве, го исфрлија.“
Во текстот тој најмногу критики упатува не кон Маск, туку кон оние кои некогаш го величаа: левичарските клиенти кои со ентузијазам купуваа Tesla автомобили кога Маск сè уште бил „спасител на светот и вселенски ентузијаст“.
„Тој беше нивниот идол и ме мразеа што бев груб со неговите рани обиди во автомобилската индустрија“, пишува Кларксон. „Како смеев да бидам толку суров кон тој добронамерен, филантропски господин Маск? И како се чувствувате сега додека седите во вашата Tesla, а орда истомисленици ви ги кршат ретровизорите?
Би сакал да ве потсетам на сите што ви кажав пред 17 години дека ништо добро нема да излезе од тој избор за вас“, заклучува Кларксон. „Но, вие не ме послушавте. Избравте да му верувате на Маск“.
Остриот пад на „Tesla“
Tesla доминира на пазарот на електрични автомобили со години, симболизирајќи ги иновациите и технолошкиот напредок, делумно благодарение на јавниот профил на нејзиниот извршен директор Илон Маск. Но, во последните месеци ситуацијата драстично се промени. Маск сè повеќе е вовлечен во политички конфликти и контроверзии, популарноста на неговиот бренд е во слободен пад, а се распродаваат акциите на Tesla.
Во меѓувреме, конкуренцијата се засилува. На чело на новиот бран на производители на електрични возила е кинескиот „BYD“, кој претстави технологија за брзо полнење. Кинезите тврдат дека со нивната технологија, целосното полнење на автомобилот ќе трае исто толку време колку што е потребно за полнење на резервоар за гориво.
Tesla, сепак, се соочи со проблеми. 46.000 „Cybertruck“ возила се повлечени поради безбедносни проблеми, а тестирањето на системот за самоуправување во Кина е стопирано поради строгите кинески закони. „Financial Times“ напиша и дека има одредени финансиски дупки во работењето на „Tesla“.
Пазарните аналитичари и долгогодишните застапници на „Tesla“ полека му вртат грб на Илон Маск и испраќаат сè понегативни пораки. Тие посочуваат дека проблемот е што тој станал советник на Трамп и што го води таканаречениот Оддел за владина ефикасност (DOGE) и дека не е доволно посветен на водење на „Tesla“.
Насилни протести низ САД, се вклучи и ФБИ
Бран насилни протести против сè што е поврзано со Tesla се шири низ Америка, со палење автомобили, палење станици за полнење, провалување на салони... Дури и ФБИ формираше специјална работна група за справување со нападите врз Tesla, кои веќе се карактеризираат како домашен тероризам.
Трамп се обиде да го „изгасне пожарот“ одржувајќи бизарна претстава на тревникот во Белата куќа кога отворено ја рекламираше „Tesla“ и рече дека ќе си купи нов автомобил и дека веќе нарачал „Cybertruck“ за својата внука.
Американскиот министер за трговија, исто така, јавно ги повика Американците да купат акции на „Tesla“. Пред неколку дена самиот Илон Маск им порача на своите вработени да не продаваат акции и дека иднината на компанијата е многу светла.
Иако анкетите покажуваат дека мнозинството сè уште ја претпочита „Tesla“ поради квалитетот на производите, значителен дел избираат да ја бојкотираат компанијата поради постапките на Маск.