Изложба која вреди да се види: Од спомени до боја: Горан Боев и патот до искреното сликарство

Точка

29/03/2025

15:01

1.378

Големина на фонт

а а а

Триесетина дела од ликовниот уметник Горан Боев се дел од изложбата што од вчера е отворена во Културно информативен центар во Скопје.

Според директорот на КИЦ, Антонио Димитров “Ова е можеби една од естетски повозбудливите изложби што некогаш сме ги имале. Се работи за еден фантастичен уметник, естетски профилиран и мислам дека вреди оваа изложба да се види”.

Изложбата со наслов “Од спомени до боја: Горан Боев и патот до искреното сликарство”, е во организација на Музеј-Галерија Кавадарци во соработка со Културно Информативен Центар -Скопје, а поддржана од Министерството за култура и туризам. Изложбата ќе биде отворена околу две седмици и има продажен карактер, а по Скопје, дела од Боев ќе пропатуваат низ неколку други македонски градови и во Белград.

Горан Боев е еден од најталентираните уметници на Македонија кој во својата потрага по убавината на најдобар начин не потсетува на нашата богата традиција, на боите на нашата земја и топлината, добрината и кроткоста на луѓето од нашата земја.


Во неговиот последен циклус на слики Горан Боев го поставува најважното прашање кое секој уметник го носи во себе: Што е тоа сликарство? Ова прашање кое го носи како мотивација во своето творештво, го води на патување низ себе, низ неговите траги и сеќавања во потрага по суштинската емоција и длабочина на личната илустрација на животот.

Како Лубарда по средбата со сликите на Сезан во Париз, така и Боев се соочува со истото прашање за постоењето на сликарството и неговото значење, барајќи го неговиот пат одреден од интензивните бои и облици кои несамо што го дефинираат неговото творештво туку и ја разоткриваат неговата внатрешна светлина.


Преиспитувањето на сопствениот сликарски ракопис е суштински дел од неговиот процес на раст и еволуција како уметник. Со поедноставувањето на формата до степен на она што е суштински важно Боев не се обидува да се сокрие зад сложеностите на техничките аспекти на сликарството. Напротив тој се фокусира на откривањето на она што е негова вистинска емоција, негови чувства и пориви. Овој процес на редукција не е само уметничка техника туку и личен процес на самоосознавање.

Како што самиот уметник вели: " Поедноставувајќи ја формата до степен на она што е суштински важно, пробувам да ги отелотворам сопствените чувства и емоции толку искрено колку што ми дозволува цртежот и бојата. Немам потреба да глумам пред самиот себе ниту да кокетирам со публиката. На платното го пренесувам тоа што го носам како спомен и бреме траги од детството, траги од сопствените падови и кревања па дури и од сопствените илузии. Дали се работи за обичен портрет или цела приказна се обидувам во целост да го покажам своето сопствено јас пред себеси и пред моите пријатели љубители на уметноста. Животот е краток и уметникот не смее да го чува под прекривка огледалото на сопствената душа од прашината на времето.


Овој цитат е жива метафора на неговиот уметнички процес. Според Трајче Цветков историчар на уметност, Боев не се задоволува само со приказ на физичкиот свет туку се стреми да ја открие емоционалната, скриената димензија на своето постоење. За него уметноста не е само физички акт на создавање туку и патување низ сопствените траги од детството низ сопствените илузии. Врз основа на овие лични искуства тој ја претставува својата душа и сето она што го дефинира како човек, уметник и индивидуалец. Тоа не се само слики тоа се начини на ослободување, начини на искрено и транспарентно изразување на неговата внатрешна реалност.

Секое платно на Боев станува простор за контемплација и не само за него туку и за неговите гледачи. Тие не се само уметничко изразување како персонален акт на самоизразување но и комуникација со публиката на која и се откриваат неговите најдлабоки чувства и погледи на животот. Секој негов портрет, пејсаж, секоја мртва природа носи со себе и естетско доживување и лична илустрација на времето и сопствениот идентитет.


Горан Боев не се плаши да се изложи. Своите дела не ги создава да бидат дел од некоја идолизирана перцепција за уметноста. Ги создава искрено да го претставуваат како личност со сите рани и надежи. Неговото творештво е творештво на самосвест. Боев не само што создава уметност која го отелотворува неговото внатрешно патување туку и ја прави својата душа достапна за сите нас. Со тоа тој ни нуди не само слики туку и начин на размислување, за себе, за животот, за уметноста.