[ВИДЕО] Лимузина од флотата на Путин експлодирала во близина на седиштето на ФСБ во Москва: Моќниот „Aurus Senat“ во пламен

Точка

29/03/2025

14:08

4.164

Големина на фонт

а а а

Инцидентот се случил северно од седиштето на московската тајна служба ФСБ.

Пожарот се проширил во внатрешноста на Aurus Senat, луксузна лимузина во вредност од 275.000 фунти. Според британските медиуми, едно од официјалните возила на Владимир Путин експлодирало и се запалило во Москва.


Лимузина Aurus од официјалната флота на Путин била уништена во голема експлозија северно од седиштето на московската тајна служба ФСБ во Лубјанка.

Снимките покажуваат дека пожарот, кој започнал во моторот на Aurus Senat, брзо се проширил во внатрешноста на возилото, пренесува британскиот „Сан“.

Работници од околните ресторани и барови излегле на улица за да помогнат пред пристигнувањето на противпожарните служби.4

Вчудоневидени минувачи гледале како густ црн чад излегува од предниот дел на уништеното возило додека огнот продолжувал да беснее.

Дополнителни снимки од различни агли покажуваат дека задниот дел на возилото исто така бил оштетен.

Сè уште нема официјални информации за тоа кој го користел автомобилот во моментот на инцидентот. Според извештаите, се верува дека возилото е во сопственост на претседателскиот оддел за управување со имотот на Путин.


Засега не е познато што го предизвикало ненадејниот пожар, но лицата кои се наоѓале во возилото не се повредени.

Рускиот „ѕвер“ на четири тркала

Путин редовно користи автомобили од руско производство, а една ваква лимузина му подари и на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.

Aurus Senat е вистински „ѕвер“ во светот на луксузните оклопни возила: долг е неверојатни седум метри, тежи шест тони и е опремен со хибриден V12 мотор со најмалку 600 (а можеби и 800) коњски сили и деветстепен автоматски менувач.


Ова возило од нула до 100 км/ч забрзува за само шест секунди, додека максималната брзина е ограничена на околу 250 км/ч.

Гумите Aurus се специјално изработени за претседателот на Руската Федерација, а дури и ако се оштетат или изгубат притисок, возилото може да продолжи да се движи благодарение на специјалните внатрешни потпори.


Интересно е што во Senat е оневозможена синхронизацијата на мултимедијалниот систем со паметни телефони – мерка на претпазливост за заштита на податоците и спречување на хакерски напади. Според податоците објавени на веб-страница на еден автомобилски продавач, ова возило содржи вкупно 14 специјални безбедносни компоненти.