Зеленски: Американците целосно го сменија договорот, чекаме правна анализа

Макфакс

29/03/2025

08:43

4.102

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, рече дека Украина нема да прифати никаков договор за минералните суровини што ќе ја загрози нејзината интеграција со Европската унија, но додаде дека се уште е рано да се извлечат заклучоци за драматично проширениот договор за минералите предложен од Вашингтон.

Украинскиот лидер им рече на новинарите дека украинските адвокати мора да го разгледаат нацртот пред да може да каже нешто повеќе за американската понуда, чие резиме сугерира дека САД ги бараат сите приходи од природните ресурси на Украина во текот на многу години.

Тој истакна дека Киев нема да прифати дека помошта од милијарди долари од САД е заем, иако не кажа дали најновата верзија на нацртот содржи такво барање.

Зеленски рече и дека текстот е „целосно различен“ од претходниот нацрт на договорот што тој требаше да го потпише со Доналд Трамп пред нивните разговори минатиот месец да се претворат во спор.


„Не сакам да предизвикам бран коментари, сакам адвокатите на највисоко ниво да спроведат анализа“, рече Зеленски на прес-конференција во Киев.

Последниот предлог на САД ќе бара од Киев да му ги испрати на Вашингтон сите приходи од фондот што ќе ги контролира украинските ресурси додека Украина не ја отплати американската воена помош со камата.

Вицепремиерката Јулија Свириденко им рече на пратениците дека Киев ќе заземе став за новиот нацрт откако ќе се постигне консензус. Дотогаш, јавната дебата би била штетна, рече таа.

Михајло Подољак, висок функционер во кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, за Ројтерс изјави дека сè уште нема финален нацрт.

„Сè уште траат консултациите на ниво на неколку министерства“, рече тој.

Администрацијата на Трамп со недели го притиска Киев да потпише договор со кој Вашингтон ќе добие права на украинските ресурси.

Зеленски вели дека нема да потпише договор што ќе ја осиромаши неговата земја. Во четвртокот, тој рече дека Вашингтон постојано ги менува условите, но додаде дека не сака САД да мислат дека се противат на предлогот.


Тројца извори запознаени со преговорите изјавија дека Вашингтон ги променил своите барања. Според последниот нацрт, Украина нема да има идни безбедносни гаранции и од неа се бара да придонесе во заеднички инвестициски фонд со приходи од природни ресурси управувани од државни и приватни компании.

Нацртот предвидува дека Вашингтон има приоритет при купување ресурси и враќање на сите пари испратени во Украина од 2022 година, со годишна каматна стапка од четири отсто, пред Украина да добие пристап до приходите на фондот.

Според Министерството за финансии, украинскиот буџет за 2024 година се состоел, меѓу другото, од 1,2 милијарди такси за користење на подземни ресурси, 1,8 милијарди дивиденди и други плаќања од државните компании и 19,4 милијарди од приходите на државните компании.

Со заедничкиот инвестициски фонд би управувала американската корпорација за меѓународен развој и би имала пет членови на одборот, од кои тројца би биле назначени од САД, а двајца од Украина. Средствата би се заменувале за девизи и би се испраќале во странство.