Двајца измамници излажале сопружници од Струга дека ќе собираат пари за лекување на нивниот болен син и им ги зеле картичките и парични средства. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, тие земале и брзи кредити во нивно име и со тоа им причиниле материјална штета од 229.000 денари.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против П.С.(33) од Струга и С.Ш.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „помагање при вршење на измама“.
Во периодот од 21.11.2024 до 17.12.2024, пријавените измамиле двајца сопружници од Струга и им причиниле материјална штета од 229.000 денари.
Тие стапиле во контакт со нив преку социјална мрежа и, претставувајќи се лажно како лица кои сакаат да донираат парични средства за лекување на нивниот болен син во странска земја, во неколку наврати им побарале да испратат одредена сума на пари за да може средствата кои наводно сакаат да ги донираат да се ослободат од даночните обврски.
Откако неколку пати испраќале пари преку автопревозници во Скопје, од сопружниците било побарано да им ги пуштат кодовите за активирање на трансакциските сметки, а откако ги дале кодовите, во наредните неколку денови имале повеќе приливи и одливи од нивните сметки. После тоа, на сметката на оштетениот легнале пари од повеќе финансиски друштва, иако не побарал од ниту едно финансиско друштво да му биде одобрен кредит.