Стабилно снабдувањето со јајца на домашниот пазар пред велигденските празници

Макфакс

26/03/2025

09:46

313

Големина на фонт

а а а

Во врска со актуелната побарувачка на конзумни јајца во периодот пред Велигден, Групацијата за живинарство при Стопанската комора на Северна Македонија ги информира граѓаните дека македонскиот пазар е стабилен и снабден во доволни количини квалитетни и безбедни конзумни јајца.

Како традиционален производ кој е дел од Велигденските обичаи, јајцата се достапни во доволни количини во трговските мрежи, пазари и фармерски продавници.

На 24 март, во просториите на Комората се одржа работна средба помеѓу компаниите од овој сектор, членки на Комората и претставници на ресорното министерство предводени од Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Најголемите производители и извозници на јајца, најавија активна соработка со дистрибутерите и трговците со цел да се задоволи зголемената побарувачка во овој период од годината, а притоа цените да останат на конкурентно ниво, во согласност со пазарните трендови.

Ресорното министерство и надлежните институции ги следат состојбите и се подготвени да преземат мерки доколку се јави потреба од дополнителна стабилизација. Ги потсетуваме потрошувачите да внимаваат при купувањето – да ја проверуваат трајноста и потеклото на јајцата, како и да ги поддржат локалните производители“, соопшти Стопанската комора.