[ВИДЕО] „Најнапредниот, најспособниот и најсмртоносниот авион некогаш изграден, ниту еден друг авион не е ни блиску до овој“: Трамп го претстави новиот Ф-47

Макфакс

21/03/2025

18:21

1.722

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска соопшти дека Пентагон и доделува договор на компанијата „Боинг“ за производство и одржување на борбен авион од шестата генерација, кој ќе се вика Ф-47. Трамп го опиша новиот авион како „нешто што никој досега не го видел“.

Говорејќи во Овалната соба на Белата куќа заедно со секретарот за одбрана Пит Хегсет и водачите на американските воздухопловни сили, Трамп рече дека развојот на овој нов борбен авион е „долго време во изработка“ и дека Боинг ќе го изгради по „ригорозен и темелен натпревар меѓу водечките американски воздушни компании“ за програма позната како „Next Generation Air Dominance“.

Трамп додаде дека новиот Ф-47 ќе биде „најнапредниот, најспособниот и најсмртоносниот авион некогаш изграден“ и дека експерименталната верзија на овој авион „лета во тајност речиси пет години“.

„Уверени сме дека овој авион ги надминува можностите на која било друга земја… Секој друг авион што сум го видел, секој од нив, не е ни блиску до ова. Речиси е невидлив и има невидена моќ. Ја има најголемата моќ од сите млазни авиони од ваков тип што некогаш биле изградени, како и неспоредлива способност за маневрирање. Никогаш претходно не е изградено ништо случно“, рече Трамп.

Американскиот претседател заклучи дека непријателите на Америка „никогаш нема да видат што доаѓа“ доколку овој авион се користи во борба, и рече дека противниците „нема да знаат што ги погодило кога ќе се соочат со флота од овие величествени авиони“.