Бројни куќи ширум Лондон во последните неколку недели биле испрскани со црвена боја, додека граѓаните се вознемирени и бараат одговори од полицијата и локалните власти.
Црвената боја оваа недела се појавила на фасадите на куќите во североисточен Лондон, но голем број лондонски населби доживеале слични напади во текот на последните месеци. Заедно со црвената боја на влезната врата, често стои и зборот – бордел.
Слични инциденти имало и во други градови – Хадерсфилд, Бредфорд, Рединг, а тоа трае од 2023 година, но полицијата не ги пронашла виновниците.
Во групите на социјалните мрежи, корисниците изнесоа теории дека овие инцидентите се поврзани со банди или со војната во Газа.
Жителите на Волтамстоу во изјава за Гардијан рекле дека добиле анонимно писмо испрскано со боја во кое пишувало дека куќа во близина е бордел.
„Сето ова е навистина вознемирувачко, особено откако тоа веќе се случи минатата недела. Бевме будни цела ноќ и гледавме низ прозорецот“, рече постар пар, чија ќерка поголем дел од вторникот оваа недела се обидувала да ја измие црвената боја од фасадата на куќата.
Истрагите што ги спровела полицијата во изминатите 18 месеци не дале резултати. Лондонската полиција се обидува да утврди дали има поврзаност со инцидентите што се случиле надвор од градот.
Стела Криси, пратеничка за Волтамстоу, рекла дека е загрижувачки што вакви инциденти се пријавуваат низ целата земја, но дека нема централна координација за истрагата.
„За семејствата и жителите кои живеат во близина тоа е застрашувачко“ изјавила Криси.
Во една од куќите на Казенов Роуд, една жена рекла дека е потресена и загрижена бидејќи црвената боја ги прекрила и двата ката од нејзината куќа.
„Не знам како ова да му го објаснам на мојот син. Што треба да направиме ако се повтори откако ќе исчистиме сè? Само би сакала да разговарам со луѓето што го прават тоа и да ги прашам што сакаат“, рекла таа.