Митева: Ќе се обезбедат 30 милиони денари за транспорт и сместување во странство на семејствата на повредените

Макфакс

18/03/2025

18:31

382

Големина на фонт

а а а

На територија на државата извршени се околу 50 контроли во текот на 16 и 17.03. 2025 година во угостителски објекти коишто имаат лиценца за работа која се однесува на кабаре, ноќен клуб, диско-клуб и диско-клуб на отворен простор. Согласно овие контроли на увид се приложени лиценци за вршење на угостителска дејност коишто се со важност и тие се 22 на број на цела територија на државата, но има и 15 лиценци коишто се со истечена важност. Државниот пазарен инспекторат е на терен и се проверуваат сите 22 објекти коишто имаат важечка лиценца дали ги исполнуваат минимум технички услови коишто се потребни за да ја добијат таа лиценца. Заедно со останати надлежни институции за тоа ќе излеземе со дополнителни информации откако ќе заврши целиот надзор којшто тие го прават, рече владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција.

„За сите други објекти, коишто се со истечена важност на лиценцата или немаат воопшто лиценца, Државниот пазарен инспекторат донесе забрана за вршење на нивната дејност сè додека не се утврдат сите потребни документи, додека не се провери дали воопшто поседуваат услови, минимално технички услови за вршење на дејност за истите да можат да обезбедат дополнителна лиценца. Во Министерството за економија, пак сакам да информирам дека се прави и проверка на лиценците дали повторно има некој случај со злоупотреба на архивското работење, односно за некоја лиценца да е заведена по друга основа. Сакам да ја информирам јавноста за она што го најавивме вчера, дека ќе се донесе и официјализира одлуката во однос на помошта на семејствата за транспорт и сместување. Денеска Владата ја официјализираше таа одлука и го задолжи Министерството за финансии да обезбеди средства во висина од 30 милиони денари коишто треба да ги пренесе на Службата за општи и заеднички работи“, додаде Митева.

Посочи дека се обезбедени 58 лица, односно за истите се обезбедени транспорт и сместување.

„И дека оваа одлука ќе се однесува и на оние лица коишто заминале и пред донесување на оваа одлука, ќе може ретроактивно да им се изврши дополнителна исплата. Ова се актуелните случувања коишто на денешната седница на Владата, беа соопштени како информации и ова се заклучоците коишто беа донесени. Остануваме посветени, ќе ја информираме јавноста транспарентно за сите преземени чекори“, заврши Митева.