Колкава е одговорноста на градоначалникот на Кочани ќе утврди Обвинителството, кажа премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на прашање дали Папазов, ќе сноси одговорност во врска со пожарот во дискотеката.
Мицкоски рече дека надлежните во текот на денот ќе ги проверат сите документи во Општината.
Посочи дека никој нема да биде заштитен и секој што има каква било вина во врска со настанот, ќе одговара.
„Градоначалникот во својата оставка напиша дека стои на располагање за се. Не бега. Тука е. Денеска, колку што јас знам, истражните органи ќе влезат и во Општината. Ќе ги проверат сите документи. Ако вие сега пледирате дека тој е ВМРО-ДПМНЕ, па ние го штитиме, не, се лажете. Никого нема да штитиме. Свети ВМРО да биде, и јас да сум, родена сестра, брат да ми е, ќе одговара ако има каква било вина“, рече Мицкоски.
Кривична одговорност според него ќе има за сите, и дека не треба да се шпекулира.
„Кривична одговорност ќе има за сите. Ако е потребна морална или политичка, удрете на мене. Јас сум тука, јас ќе се сносам со сиот предизвик, но прво ќе ги поразам како што многу пати сум ги поразил, а потоа на избори граѓаните ќе судат дали и кој треба да сноси одговорност. Само ве молам да не шпекулираме, да не креираме информации кои што немаат никаква врска со вистината. Свети ВМРО да е, ако направил грешка ќе одговара. Тоа сме го покажале и докажале во овој период“, порача Мицкоски.