Спој на големи ѕвезди: Мартин Скорсезе подготвува филмски проект со Двејн Џонсон, Леонардо Дикаприо и Емили Блант

Точка

17/03/2025

16:11

712

Големина на фонт

а а а

Режисерот Мартин Скорсезе подготвува нов филмски проект, а Двејн Џонсон потврди дека ќе се приклучи на неговата актерска екипа.

Обожавателите не го очекувале овој спој на ѕвезди, а Џонсон преку социјалните мрежи го потврди своето учество во новиот проект. Филмот е опишан како комбинација од култни класици како „Goodfellas“ и „The Departed“, но овој пат дејството се одвива на Хаваите, следејќи го подемот и падот на моќниот мафијашки бос.

Џонсон истакнал дека е благодарен бидејќи минува низ најкреативниот период во неговата кариера.

„Ова е најинспиративниот период во мојот живот. Воодушевен сум што работам со Мартин Скорсезе“, рече тој.


Идејата за филмот ја предложиле Џонсон и неговата колешка Емили Блант, а двајцата заедно со Леонардо Дикаприо ќе остварат улоги. Дополнително, Џонсон и Блант ќе бидат вклучени и како продуценти.

Филмот е опишан како „последната голема сага на американската мафија“ полна со елементи кои го прославија Скорсезе. Засега не е познато кога филмот ќе започне со продукција, но самиот проект ветува многу поради неочекуваната комбинација на познати актери како Џонсон, Блант и Дикаприо.