„Се додека не покажете карактер и вредности во кои што верувате, нема да ве ценат. Ја знаете онаа приказната со полжавот, ако мислете дека со лигавење ќе стигнете до врвот се лажете, барем јас така не мислам. Јас сум застапник на тезата подобро тешко, отколку срамно. И тоа се принципите и вредностите во кои што верувам.“, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Мицкоски изјави дека членството на Македонија во ЕУ не зависи од ниту една резолуција, туку од билатералните односи кои што за жал рече тоа го дозволи Европската унија.
„Нашата близина и далечината со ЕУ не зависи од тоа дали ние сме ко-спонзори на оваа или онаа резолуција, туку зависи исклучиво од билатерални прашања, кои што за жал истата таа ЕУ дозволи да се случат. Дали јас грешам не знам, дали ќе успеам во ова не знам, јас сум го добил легитимитетот од граѓаните пред 9 месеци, пола милион луѓе излегле и гласале“, рече Мицкоски.
„Јас немам намера да бакнувам пенкала, да се смешкам додека ме навредуваат, понижуваат и омаловажуваат, тоа што го мислам и моите аргументи што ги имам, не велам дека се најисправните и најточните, но јас сум ја добил довербата на граѓаните да ги презентирам тие аргументи кои што ги бранат интересите на оваа држава, на сите граѓани“, нагласи Мицкоски.
На прашањата доколку Вашингтон рече тоа е тоа, дека треба да се гласаат уставните измени, Мицкоски нагласи:
„Нема да ги гласам, тоа нема да се случи. Нема да ги гласам се додека Бугарија исто така не ги заврши своите обврски кои што ги има преземено, а тоа е да ги почитува правата на сите малцинства.“
„Загриженоста на опозицијата за нашите односи кон ЕУ поради стратешките односи со САД е на лицемерни односи“
Во текот на емисијата Мицкоски исто така рече дека загриженоста на опозицијата за нашите односи кон ЕУ поради стратешките односи со САД е на лицемерни односи.
„Кај опозицијата секогаш ќе има дилема што и да направиме ние, и јас не очекувам дека опозицијата ќе излезе со поддршка за чекорите кои што ги прави ВМРО-ДПМНЕ и кои што ги прави македонската влада.
„Нивната загриженост се темели на лицемерие затоа што ако до вчера се сеќавате кога исчезнуваа пратеници, тие велеа дека со срцето се во Брисел, а со душата во Вашингтон, во името на тоа да се претстават дека САД се нашиот најважен стратешки партнер. И како тоа вистинското прашање е сега наеднаш тој наш стратешки партнер во суштина и не е наш стратешки партнер, и како тоа наеднаш сите ние кои до вчера бевме обвинувани дека сме заедно со Русија, дека сме поисточни, иако во животот никогаш не сме биле поисточно од Бугарија итн., станавме стратешки партнери на САД и тоа не чини“, дециден беше Мицкоски.