Калин Георгеску, прорускиот романски десничар, победи во првиот круг на претседателските избори, но резултатот потоа беше поништен.
Највисокиот романски суд ја потврди одлуката да му ја забрани кандидатурата за претседателските избори на Георгеску.
Тој нема да може да учествува на изборите во мај, што предизвикаа протести во Букурешт и им остави на крајно десничарските партии во земјата четири дена да пронајдат нов кандидат.
Георгеску, анти-ЕУ, про-московски популист, победи во првиот круг од претседателските избори минатата година, но резултатот беше поништен од највисокиот суд на Романија поради сомневање за руска вмешаност.
Среде тврдењата за „масовна“ манипулација преку социјалните медиуми, тој бил ставен под истрага минатиот месец по шест обвиненија, вклучително и лажни изјави за финансирање на неговата кампања, лажна употреба на дигитални технологии и промовирање на фашистички организации.
Тој повеќепати негирал дека стои зад сите обвинувања против него.
Романската Централна изборна комисија во неделата објави дека одлучила да му забрани на Георгеску да се кандидира за реизбор во првиот круг, закажан за 4 мај, оценувајќи дека е „неприфатливо“ да се кандидира откако уставниот суд ги поништил изборите во ноември.
По два часа размислување, Уставниот суд во вторникот, со едногласна одлука, ја отфрли жалбата на Георгеску против таа одлука.
Неколку стотици демонстранти се собраа пред зградата на судот, веејќи романски знамиња и извикувајќи „слобода“ и „крадци“.
Ана Флореску (57) рече дека Романија „веќе не е демократија, нема правда и дека е киднапирана“.
Флореску, која е економист, изјавила дека главните политички партии кои ја воделе земјата од падот на комунизмот во 1989 година „направиле толку многу грешки што веќе никој не им верува, а сега само што поништија кандидат“.
Габриел Ферару (63), инженер, рече дека целата политичка класа „се плаши од Георгеску бидејќи тој е против сегашниот систем и дека политичарите ќе ги загубат сите свои привилегии за корупција“.
Тој додал дека ќе го бојкотира повторувањето на изборите доколку Георгески не го поддржи новиот кандидат на екстремната десница.
Крајниот рок за кандидатури е 15-ти март, што им дава малку време на романските екстремно десничарски партии, вклучително и Алијансата за Унијата на Романците (АУР) и Партијата на младите (ПОТ), да се договорат околу замена за Георгеску.
Поранешниот владин функционер им порача на своите приврзаници по пресудата да ја „следат својата совест“ при гласањето.
„Денеска господарите одлучија: нема еднаквост, нема слобода, нема братство за Романците“ објави Георгеску на социјалните мрежи.
„Да живеат Франција и Брисел, да живее нивната колонија наречена Романија. Додека Америка повторно станува голема, Европа и Романија станаа мали, корумпирани и под диктатура“, додаде тој на англиски и француски јазик.
Џорџ Симион, претседател на АУР и екстремно десничарскиот блок кој има околу една третина од местата во парламентот, рече дека одлуката на судот е „срамна и уште еднаш го исмева романскиот народ, ја напаѓа нашата демократија и нашите основни права“.
Многу демонстранти рекле дека или ќе го бојкотираат новото гласање или ќе гласаат за кандидат против естаблишментот.
„Ќе гласам за секој нов кој не е дел од овој систем. На луѓето им е преку глава од овие исти политичари“, рекол Јонел Попа, 52-годишен таксист.
Одлуките за поништување на изборите и дисквалификување на Георгеску предизвикаа остри критики од Вашингтон.
Милијардерот Илон Маск постави прашање на „Х“: „Како судија може да стави крај на демократијата во Романија?“
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс претходно изјави дека поништувањето на гласањето во првиот круг покажало дека Романија не ги дели американските вредности. Инаку Георгеску (62) водел во анкетите и се предвидуваше дека ќе освои околу 40 отсто од гласовите во мај.
Тој го пофалил рускиот претседател Владимир Путин како „човек кој ја сака својата земја“ и ги пофалил романските фашистички лидери од 1930-тите.
Тој, исто така, го негирал постоењето на Ковид-19, го прогласил Исус Христос за „единствената вистинска наука“, тврдел дека НАТО никогаш нема да ѝ помогне на Романија и рече дека Букурешт не е добар во надворешните работи и треба да се потпре на „руската мудрост“.
Од друга страна Москва негираше каква било поврзаност со Георгеску, но во вторникот соопшти дека претседателските избори без него би биле „нелегитимни“. Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, ги опиша одлуките на романските власти како „прекршување на сите демократски норми“.