ЕУ останува наша стратешка цел, а САД ќе продолжи да биде наш стратешки партнер, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на 12. Глобален форум во Баку, на сесијата на тема „Пактот за иднината на Обединетите нации: градење на нов глобален консензус“.
Таа повика на суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Воедно, истакна дека иако се застарени, Обединетите нации сепак се единствената организација којашто, освен универзален легитимитет, има потенцијал за да ги адресира проблемите.
Во обраќањето го реафирмираше членството во Европската Унија како стратешка цел на државата. Посочи и дека не отстапуваме ниту од нашето стратешко партнерство со САД.
Таа рече и дека европскиот пат на нашата држава е поплочен со двојни стандарди, со нови барања и услови коишто не им биле поставени на други држави.
„Неодамна, на еден од панелите на Минхенската безбедносна конференција, македонскиот премиер постави реторичко прашање: зошто, кога Русија го негираше украинскиот идентитет и јазик, цела Европа стана во одбрана на Украина, а кога една земја членка на Европската Унија го негираше македонскиот идентитет и македонскиот јазик сите молчат. Oдговор на модераторот на панелот беше: „затоа што вие не сте нападнати“. Значи, треба да делуваме „ex ante“ наместо „post festum“. За волја на вистината, не молчат, туку бараат да ги прифаќаме неправедните услови и да преговараме за нашиот национален идентитет, за нашиот јазик, нашата култура, историја, па и за нашиот уставен поредок“, рече Давкова.
Побара јасен интегративен пат, базиран на принципи и правила.
Таа изјави и дека неопходни се суштински реформи коишто ќе ги направат глобалните институции полегитимни, поправедни, поефективни и подоследни во исполнувањето на Повелбата на Обединетите нации. Советот за безбедност треба да се прошири, да се реформира и да се демократизира за биде поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедноста. Генералното собрание треба да го заземе своето вистинско место на главен претставнички орган не само за дебата, туку и за креирање политики. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата мора да станат обврзувачки за сите. Само така, рече Сиљановска-Давкова, Обединетите нации ќе можат да одговорат на сегашните геополитички, економски, еколошки, климатски, технолошки и демографски предизвици.