Папата Франциско помина мирна ноќ во болница, соопшти денеска Ватикан, 27 дена по неговата хоспитализација поради билатерална пневмонија.
Ватикан вчера соопшти дека 88-годишниот Франциско повеќе не е во непосредна опасност и дека неговата состојба е „стабилна“ со „благо подобрување“, но не наведе кога би можел да биде пуштен од болница.
Поглаварот на Католичката црква од 14 февруари се наоѓа на лекување во римската болница Гемели, првично од бронхитис кој прерасна во билатерална пневмонија.
Хоспитализацијата на папата, најдолгата во неговиот понтификат, дојде откако тој веќе беше ослабен поради низа други здравствени проблеми.
Франциско има проблеми со дишењето, особено поради отстранување на дел од белите дробови кога имал 21 година.
Здравствените проблеми ги оживеаја прашањата за неговата способност да ги извршува своите должности, како и шпекулациите за можна оставка.