Една неодамнешна студија од Универзитетот Западна Нова Англија (WNU), објавена во списанието „Foods“, го нагласи значителното влијание на долгорочното консумирање грозје врз здравјето на мускулите и кај мажите и кај жените.
Наодите сугерираат дека вклучувањето на грозјето во исхраната може да влијае на експресијата на гените во мускулите, потенцијално поддржувајќи ја мускулната маса и функција.
Инаку истражувањата го поврзуваат грозјето со подобрувањето на здравјето на:
срцето
бубрезите
кожата
очите
гастроинтестиналниот тракт.
Клучни наоди
Студијата покажала дека дневната консумација на грозје значително ја менува експресијата на мускулните гени, со поизразен ефект кај жените.
Имено, авторите на новата студија откриле дека консумирањето еквивалент на две порции грозје дневно променило над 20.000 гени кај постарите глувци, што значително влијаело на тоа како нивните мускули генерираат енергија за функционирање.
Гените поврзани со чистата мускулна маса биле покачени, додека гените поврзани со дегенерација на мускулите биле намалени. Според студијата, женските глувци забележале поголеми придобивки од машките глувци.
Глувците консумирале 5% грозје во прав, што е околу 1,5 чаши свежо грозје за луѓето.Овие наоди укажуваат на потенцијална примена при губење на мускулите поврзани со возраста, бидејќи 10 до 16 отсто од старите лица се соочуваат со саркопенија или губење на мускулите поврзани со годините.
Истражувањето нагласи како нутригеномскиот пристап, како што е редовното консумирање грозје, може да ги надополни традиционалните стратегии за одржување на мускулите, како што се вежбањето и исхраната богата со протеини.
„Оваа студија дава убедливи докази дека грозјето има потенцијал да го подобри здравјето на мускулите на генетско ниво. Со оглед на нивниот безбедносен профил и широката достапност, ќе биде возбудливо да се истражи колку брзо овие промени можат да се забележат во испитувањата на луѓе“, рече д-р Џон Пезуто, постар истражувач на студијата и професор по фармација и здравствени науки и декан на Универзитетот во Западна Англија.
Истражувачите планираат дополнително да ги истражат механизмите зад овие промени и временската рамка на нивните ефекти.