Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека мирот во Украина е клучот за отворање економски можности со Русија.
По преговорите меѓу делегациите на САД и Русија за Украина во Ријад, тој рече дека дел од фокусот е да се осигура дека дипломатските претставништва можат да функционираат и да одржуваат живи дипломатски односи и дека друг елемент на состанокот е спроведувањето на мировните преговори за Украина, кои, според него, ќе вклучуваат „ангажман и консултации“ со Украина и „партнерите во Европа“.
Како трета тема, Рубио го истакна создавањето на извонредна можност, доколку овој конфликт дојде до прифатлив крај, односно да се обедини со Русите геополитички, за прашања од заеднички интерес и економски, пренесува Гардијан.
„Се надеваме дека дипломатскиот дел ќе започне доста брзо, бидејќи вклучува ангажман на нашите мисии“, изјави Рубио на прес-конференцијата на американската делегација, пренесува Танјуг.
Рубио рече дека претседателот на Соединетите Американски Држави е единствениот лидер кој може да донесе мир во Украина. Тој рече дека завршувањето на украинскиот конфликт мора да биде прифатливо за сите инволвирани страни, вклучувајќи ги Украина, Европа и Русија.
„Целта е да се обезбеди мир за Украина кој е праведен, траен, одржлив и прифатлив за сите вклучени страни“, рече тој, според Скај њуз. Рубио рече дека „останува уште многу работа“ и дека целта на денешната средба е „воспоставување линии на комуникација“ по долгиот молк меѓу Вашингтон и Москва.
Тој исто така изрази уверување дека Русија сака да постигне договор. Во денешните преговори меѓу САД и Русија за Украина, руската делегација ја сочинуваа министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и директорот на рускиот Фонд за директни инвестиции Кирил Дмитријев, а американската делегација ја сочинуваа Рубио, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајк Волц, и американскиот специјален пратеник за Блискиот Исток, Стивенитко.