VPN-апликациите ја штитат приватноста и податоците на корисниците, но има многу кои всушност не ги извршуваат задачите кои ги промовираат. „Google“ сега презеде мерки за да ги информира корисниците и да им помогне да најдат сигурни „VPN“, а како решение пристигна верификациската ознака за потврда.
Безбедните „VPN“ апликации содржат ознака, односно знак за проверка на штитот и зборот „Verified“ под него. Оваа ознака докажува дека апликацијата „VPN“ е во согласност со безбедносните упатства и ја поминала процената за безбедност на мобилни апликации на ниво 2 (MASA).
Оваа ознака ќе им помогне на „VPN“ провајдерите да се истакнат на прилично преполниот пазар и ќе промовира проверени „VPN“ апликации. Придобивката за корисниците е што тие ќе ги заобиколат лошите апликации.
Повеќе за апликацијата може да се види на панелот за безбедност на податоци, каде детално е опишан начинот на управување со податоците, кои лични информации се собираат, дали податоците и информациите се споделуваат со трети лица, дали се извршени независни ревизии и слично.
„Play Store“ веќе некое време додава такви ознаки, што е неизбежно за продавница со толку многу апликации. На пример, минатата година „Google“ воведе етикета дизајнирана специјално за владини апликации, така што корисниците може да ги препознаат легитимните апликации од нивните локални агенции и владини филијали.