Зеленски: Ветувањата на Западот дека еден ден ќе ја прифатaт Украина во НАТО беа „лага“

Макфакс

22/01/2025

21:30

506

Големина на фонт

а а а

Ветувањата на Западот дека еден ден ќе ја прифати Украина во НАТО беа „лага“, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски и додаде дека САД и Германија одржувале контакти со Русија во текот на целата војна, пренесуваат медиумите во регионот.

„Некои земји немаа многу транспарентна политика, не го поддржаа нашето членство во НАТО и тоа беа едноставно лажни изјави дека Украина ќе биде во НАТО. Верувам дека позицијата на Германија и Соединетите Американски Држави беше слаба бидејќи имаа дијалог со Русите и верувам дека тие го загубија тој дијалог. Го изгубија затоа што секогаш се повикуваат на фактот дека порано имало некои договори со Русите“, изјави Зеленски на новинарите во Давос, пренесува РБК Украина.

Според него, западните земји претходно воделе „не многу визионерска политика“, давајќи лажни ветувања за влез на Украина во НАТО, бидејќи по децении интеграција во алијансата тоа никогаш не се случило.


Зеленски ја нарече оваа ситуација неправедна во однос на Украина и Украинците и истакна дека лидерите кои му ветиле на населението членство во НАТО се однесувале некоректно.

Тој потсети дека мнозинството земји од НАТО ја поддржуваат желбата на Украина да се приклучи на алијансата, а против тоа се само четири земји – САД, Германија, Унгарија и Словачка, според медиумот.

Зеленски посочи дека реално може да одлучуваат само САД и нивниот претседател.

„Ако претседателот Трамп е подготвен да ја види Украина во НАТО, ние ќе бидеме во НАТО, сите ќе бидат за тоа. И ако претседателот Трамп не е подготвен да не види во НАТО, ние нема да бидеме во НАТО“, посочи Зеленски.

Според него, сите мировни сили распоредени во Украина мора да вклучуваат американски војници за да бидат ефективни, бидејќи во спротивно, како што наведе, може да дојде до раскол во НАТО.

Зеленски оцени дека европските сојузници на Украина немаат доволно војници за да станат вистинска пречка за Путин, а „секое друго решение ризикува да предизвика раскол во НАТО алијансата“.

Тој повтори дека преговорите со Русија не можат да се одвиваат без учество на Украина и оцени дека ветувањето на Трамп за проширување на американскиот извоз на енергија е начин да се изврши притисок врз Москва, додека претстојните преговори се можност Трамп да ја покаже силата на САД.

„Крајот на војната треба да биде победа за Трамп, а не за Путин“, рече Зеленски.

Во вторникот, украинскиот лидер пристигна во Давос, Швајцарија, каде што учествува на Светскиот економски форум.

Тој денеска одвоено се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ, со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, со израелскиот претседател Исак Херцог, со јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, како и со премиерот и министер за надворешни работи на Катар, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, пренесува Танјуг.