Осаменоста и сиромаштијата на старите лица во Јапонија доведе до невообичаен тренд – многу постари жени намерно го прекршуваат законот за да завршат в затвор, каде што ја пронаоѓаат стабилноста, основната грижа и дружбата која им недостасува надвор од затворските ѕидови.
Во најголемиот јапонски женски затвор, Точиги, 20 отсто од затворениците се постари лица. Затворот сè повеќе се адаптира на потребите на постарата популација, вклучувајќи ја и помошта при капење, хранење и медицинска нега.
„Некои жени велат дека дури би платиле и месечна претплата за да останат тука засекогаш“, рече затворскиот службеник Такајоши Ширанага.
Собите се полни со постари жители, кои се подгрбавени и со збрчкани раце. Тие полека се движат низ ходниците, а некои користат помагала за движење. Вработените им помагаат да се капат, да јадат, да одат и да земаат лекови.
Но, ова не е дом за стари лица – ова е најголемиот женски затвор во Јапонија. Населението овде го отсликува стареењето на општеството надвор, како и сеприсутниот проблем на осаменоста, кој, како што рекоа чуварите, станува толку акутен што некои постари затвореници повеќе би сакале да останат затворени во затворот.
„Има луѓе кои велат дека би платиле 20.000 или 30.000 јени (130-190 долари) месечно (доколку е возможно) за да живеат овде засекогаш“, изјави Ширанага на за „CNN“ кој доби ретка можност за посета на затворот во септември.
Меѓу затворениците е и Акијо (81) која издржува казна поради кражба на храна. Со многу ниска пензија и минимална поддршка од семејството, Акијо изјави дека животот в затвор ѝ дава стабилност која ја немала надвор.
„Можеби овој живот е најстабилен за мене“, рече Акијо, додавајќи дека недостатокот на финансиска сигурност не ѝ остави широк избор.
Според податоците на јапонската влада, кражбата е најчестиот криминал меѓу постарите затворенички.
Повеќе од 80 отсто од постарите жени во затворите во 2022 година биле осудени поради кражба. Причините вклучуваат сиромаштија – 20 отсто од луѓето постари од 65 години во Јапонија живеат под прагот на сиромаштија, што е значително повисоко од просекот на ОЕЦД, а покрај тоа тука се и изолацијата и недостигот на поддршка.
Затворските чувари рекоа дека многу жени се враќаат в затвор бидејќи немаат каде да одат, немаат доволно средства за живот или имаат потреба од медицинска нега која не можат да си ја дозволат надвор од затворот.
Јапонските власти се свесни за проблемот. Министерството за правда започна програми за да им помогне на затворениците да се подготват за самостоен живот, додека локалните иницијативи се фокусирани на обезбедување на домување и социјална поддршка на постарите лица без семејства.
Сепак, со оглед на брзото стареење на населението и ниската стапка на наталитет, многу експерти веруваат дека на Јапонија ќе ѝ требаат значителни ресурси и промени за да се справи со предизвиците кои ги носи зголемениот број на стари лица во општеството.