Американскиот пејач и танчар Крис Браун го тужи Варнер Брос поради клеветата за сексуален напад изнесена во документарната серија „Chris Brown: A History of Violence“.
Во тужбата, која ја објавија одредени медиуми, Браун ги обвини продуцентите кои стојат зад документарната серија, вклучувајќи ги „Warner Bros“ и „Ample LLC“, за клевета и намерно нанесување емоционална болка преку клеветнички тврдења изнесени против него.
Исто така, во тужбата е наведено дека доказите кои ги поткрепуваат нивните тврдења се целосно лажни. Поради оваа причина тој бара отштета од 500 милиони долари.
„Едноставно кажано, овој случај се однесува на тоа што медиумите го ставаат сопствениот профит пред вистината. Од почетокот на октомври 2024 година, „Ample LLC“ и „Warner Bros“ беа известени дека промовираат и објавуваат лажни информации во потрага по лајкови, кликови и долари, а на штета на Крис Браун. На крајот, на 27 октомври 2024 година, тие го емитираа документарецот „Chris Brown: A History of Violence“, знаејќи дека е полн со лаги и измами и дека ги прекршува основните новинарски принципи“, напишаа во тужбата.
Во продолжение на тужбата, се наведува дека тврдењата на анонимната жена користени како доказ против Крис Браун всушност биле постојано дискредитирани и дека таа е „личност која извршила насилство врз партнер“.
Дополнително, во тужбата се признава дека Браун направил грешки во минатото, кои и самиот ги призна во неговиот документарен филм од 2017 година „Chris Brown: Welcome To My Life“, но дека оттогаш „научил од тие искуства“. Инаку документарецот го следи неговиот живот и кариера, како и нападот врз Ријана.