Шефицата на европската дипломатија: Времето не е на страната на Русија, ама не е ниту на нашата

Макфакс

22/01/2025

13:51

528

Големина на фонт

а а а

Русија е егзистенцијална закана за безбедноста на Европската унија и единствен начин да се спречи тоа е да се зголемат трошоците за одбрана, изјави шефицата на европската дипломатија Каја Калас, додавајќи дека ЕУ предолго и’ нуди на Русија алтернативи.

„Русија е егзистенцијална закана за нашата безбедност денес, утре и инвестициите во нашата одбрана се недоволни“, рече таа во говорот на годишната конференција на Европската агенција за одбрана (ЕДА).

„Луѓето велат дека сум јастреб кога станува збор за Русија. Мислам дека сум само реална“, рече Калас.

Калас, која е меѓу најгласните противници на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право кога вели дека земјите-членки на ЕУ не трошат доволно за одбрана.

Трамп овој месец рече дека членките на НАТО треба да потрошат пет проценти од БДП на одбраната, што е големо зголемување од сегашната цел од два проценти и ниво што во моментов не го исполнува ниту една членка на НАТО, вклучително и Соединетите држави.

„Времето не е на страната на Русија. Но, не е нужно ниту на наша страна, бидејќи сè уште не правиме доволно. Не треба да се сомневаме дека треба да трошиме повеќе за да спречиме војна. Но, исто така треба да се подготвиме за војна“, рече Калас.