Фицо: Група странски експерти работи на соборување на владата во Словачка

Макфакс

22/01/2025

17:33

220

Големина на фонт

а а а

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека група странски „експерти“, кои учествувале во немирите во Грузија и на Мајдан, работат во Словачка со цел да ја соборат актуелната влада.

Тој ова го изјави на прес-конференција по повод протестот на опозицијата во таа земја против актуелната власт и додаде дека групата е под надзор, рече, и дека е финансирана од Соединетите Американски Држави, пренесува словачкиот портал „Правда“.

„Словачката опозиција се подготвува за Мајдан и окупација на владини згради“, рече Фицо, додавајќи дека за четврток свикал седница на Советот за национална безбедност.

Претходно, Фицо се сретна со претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и со шефот на Словачката информативна служба (СИС) Павло Гашпар и со претставници на други државни сили во врска со извештајот на СИС во кој беше наведено дека службата има информации за организирано странско влијание за дестабилизација во Словачка.

„Во нормална демократска држава под владеење на правото, безбедносните сили ќе интервенираат бидејќи тоа е кршење на законот, дури во некои случаи и прекршување на кривичното право“, рече тој во врска со протестот на опозицијата и додаде дека „сите телевизии на светот“ ќе се соберат и ќе направат слика за тоа како интервенира полицијата, како и за тоа дека ќе има масовни протести и преземање на власта во земјата.

Фицо посочи дека ги почитува правата на граѓаните кои можат да се соберат, но дека државата не може да толерира кршење на законите.

Според него, на седницата на Советот за национална безбедност ќе се разговара за превентивни мерки за да се спречи ескалација.

Опозицијата извештајот на СИС го нарече апсурден, а наводите од извештајот ги демантираат организаторите на протестот, јавува Танјуг.