Детективот кој го истражуваше убиството на Тупак Шакур откри што би можело да се случи со познатиот рапер доколку тој го преживееше фаталното пукање во 1996 година.
Познат по уметничките имиња „2Pac“ и „Makaveli“, американскиот музичар стана ѕвезда во 1990-тите со хитовите како „Keep Ya Head Up“ и „Me Against the World“, пред да го објави својот незаборавен хит „California Love“. За жал, неговата приказна заврши трагично на 7 септември 1996 година.
Кобната вечер во Лас Вегас
Таа вечер, откако ја гледал борбата помеѓу Брус Селдон и Мајк Тајсон во Лас Вегас, Тупак со директорот на дискографската куќа Суџ Најт се упатил кон клубот 662, кој ѝ припаѓал на неговата издавачка куќа. На пат до клубот тој беше застрелан во пукање од автомобил. Тупак бил пренесен во болница, каде почина неколку денови подоцна од внатрешно крвавење. Имаше само 25 години.
Неговата смрт останува една од најтрагичните и најмистериозните во историјата на музиката. Поранешниот детектив од Лос Анџелес, Грег Кадинг, кој работел на случајот со убиството на Тупак и Биги Смолс, сега откри каков би бил неговиот живот доколку преживееше.
Поинаков живот за Тупак
Говорејќи во поткастот „Mad That Podcast“, Кадинг изјави: „Доколку Тупак не беше убиен, ништо немаше да се случи со Биги. Тоа е загарантирано“. Тој продолжи да објаснува дека животот на Тупак засекогаш би бил променет доколку преживееше.
„Дури и да го преживееше пукањето, тој би го изгубил белодробно крило, па ќе беше сосема поинаков Тупак“, рече Кадинг. Тој исто така откри дека настаните кои доведоа до пукањето можеби дополнително би го искомплицирале животот на раперот. Имено Тупак и неговите соработници нападнале маж во лобито на хотелот, што било снимено од безбедносните камери. „Тој можеше повторно да заврши во затвор бидејќи веќе беше на условен отпуст“, тврди Кадинг.
Што можеше да биде поинаку?
Кадинг верува дека, доколку не се случеше конфликтот во хотелот МГМ, Тупак и Биги можеби денес ќе беа живи. Биги Смолс беше убиен една година по Тупак, во речиси идентично сценарио – пукање од автомобил, а имаше само 24 години.
И покрај тоа што поминаа речиси 30 години од нивните убиства, теориите на заговор продолжуваат да кружат – а некои веруваат дека Тупак и Биги преживеале и се кријат некаде. Меѓутоа, сведоштвата, како она на полицаецот кој прв бил на местото на пукањето, зборуваат поинаку.
Полицаецот Крис Керол, кој го држеше Тупак по пукањето, се потсети на неговите последни моменти: „Го прашав „Кој те застрела? Кој го направи тоа?“. Се обидуваше да земе здив, ме гледаше и јас мислев дека ќе ми каже, но наместо тоа тој само рече: „Е*и се“.