Кривична пријава е поднесена против три лица за крвничкото претепување на Феликс, бездомното куче кое угина завчера, а чија судбина допре до илјадници луѓе во земјава. Од МВР за А1он информираа дека кривичната пријава е поднесена за „мачење животни“, дело предвидено и казниво согласно член 233 од Кривичниот законик.
„СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава со КУ број 7367 против Љ.К.(61), Б.Б.(64) и З.Д.(74), сите од Скопје. За сите дополнителни информации може да се обратите до надлежното ОЈО Скопје, во чија надлежност за постапување е горенаведената кривична пријава“, изјавија од МВР.
Од обвинителството не одговорија на прашањето до каде е постапката во однос на поднесената кривична пријава и во кој стадиум е истата. Сега, овој случај целосно е во рацете на обвинителството, кое треба да ги гони трите лица кои со метална шипка на 19 ноември лани крвнички, со метална шипка по главата го претепаа кучето, само поради тоа што тоа извршило нужда пред складиштето во Момин Поток.
По 50-дневна битка, Феликс завчера угина во ЈП „Лајка“ поради сериозните повреди на главата.
Член 233 од Кривичниот законик (сегашен член 314) предвидува:
(1) Тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
(2) Со казната од став (1) на овој член ќе се казни и тој што со нехранење, непоење или на друг начин изложува животно подолго време на тегобна состојба.
(3) Тој што делото од ставот (1) на овој член ќе го стори од користољубие, ќе се казни со казна затвор од една до пет години.
(4) Ако делото од ставовите (1), (2) и (3) на овој член го стори правно лице ќе се казни со парична казна.дека „тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.
Во македонското судство, и покрај многубројните пријави за мачење животни, досега не е познато некој да бил осуден на затворска казна.