Седум едноставни, здрави навики со кои можете да започнете уште денес

Точка

06/01/2025

16:14

2.417

Големина на фонт

а а а

Со пристигнувањето на Новата година, многу луѓе сакаат да воведат нови навики во својот живот. Со промените треба да се започне полека и постепено, бидејќи големите одлуки понекогаш се преголем залак, па најчесто многумина нема континуирано да се држат до нив.

Експертите за британскиот „The Independent“ споделија неколку едноставни и здрави навики кои лесно можете да ги вклучите во секојдневниот живот, а со текот на времето ќе ви станат рутина.

Поминете 15 минути на отворено

Како прва навика која можете да ја воведете во вашиот живот, експертите ги посочуваат кратките прошетки на чист воздух. Тренерката Никола Хендерсон објаснува: „Иако облачното време може да нè одврати од желбата за излегување надвор, поминувањето време во природа го намалува стресот и анксиозноста и може да ги подобри когнитивните функции и креативноста“.


Користење на скалите наместо лифтот

Факт е дека многумина од нас се движат премалку, а некои при тоа работат професии кои бараат од нив да седат меѓу осум и десет часа. Меѓутоа, на ова може да се влијае на начин што, на пример, наместо користење на лифтот како „брзо“ решение, ќе почнете со користење на скалите.

„Оваа навика ја забрзува работата на срцето и ја подобрува кондицијата“, вели кардиологот др. Фархан Шахид и додава: „Практикувањето на десет илјади чекори дневно може да го подобри крвниот притисок и здравјето на срцето“.


Избегнувајте користење на мобилни телефони наутро

Друга лоша навика која многумина ја имаат е прегледувањето на социјалните мрежи веднаш по будењето. Личната тренерка Џес Паркинсон советува: „Прескокнете го користењето на вашиот мобилен телефон веднаш по будењето. Утринското скролање може да го зголеми стресот и нивото на кортизол, а пожелно е тоа да се случува постепено и природно“.


Правете вежби за дишење

Многу луѓе не се ни свесни дека всушност дишат на погрешен начин. Експертите советуваат вклучување на техниката на дишење „4-7-8“ во дневната рутина.

„Вдишете четири секунди, задржете седум и издишете осум“, вели психотерапевтката Хелен Велс. Оваа едноставна пракса го намалува стресот и носи ментална јасност.

Носете шише вода со вас

„Хидратацијата е од суштинско значење за оптимално функционирање на телото“, додава Џес Паркинсон. Шише со вода при рака ве потсетува да пиете вода редовно. Недоволната хидратација може да влијае врз расположението, концентрацијата, но и да предизвика главоболки, па затоа е важно редовно да се хидрирате.


Истегнувајте се пет минути дневно

Понекогаш ги занемаруваме придобивките од истегнувањето. Тренерката Хендерсон истакнува дека истегнувањето е многу корисно, особено наутро по будењето.


Како еден пример за вежби за истегнување, таа истакнува: „Едноставно наведнување на грбот од стоечка положба го истегнува ’рбетот и ја опушта напнатоста. Држете ја положбата 15 до 30 секунди и фокусирајте се на дишењето“, советува таа.

Ограничете го времето поминато пред екранот пред спиењето

Ако сакате квалитетно да се одморите и да спиете добро, многу е важно што правите пред да заспиете.


„Одете на спиење порано, ограничете ги екраните и воведете активности како читање или вежби за дишење за подобар сон“, препорачува Хендерсон.