Доколку сте љубители на планинарење или правење спомени во форма на фотографии на најнеобичните места, тогаш каменот на планината Кјераг во Норвешка би можел да ве заинтересира. Единствениот проблем е што неговата положба би можела малку да ве исплаши.
Заглавен во пукнатина на карпата
Во јужна Норвешка, во близина на селото Лисеботн меѓу две карпи, т.е. пукнатината на планината Кјераг на височина од речиси 1000 метри се наоѓа каменот Кјерагболтен.
Се претпоставува дека тој таму се заглавил во последното ледено доба, а денес неговата позиција привлекува туристи од целиот свет. Додека некои чекаат на ред за да се фотографираат на овој заглавен камен, оние кои не се осмелуваат да стапнат на каменот се искачуваат до негова близина поради самата глетка и прекрасните сцени во текот на искачувањето. Станува збор за атракција на патеката до највисоката точка на планината Кјераг, која достигнува 1080 метри.
Возбудливо искачување за оние кои се во форма
Планинарењето до Кјерагболтен се препорачува за оние со барем некаква спортска кондиција. Искачувањето трае од 3 до 5 часа, во зависност од темпото, а започнува на паркингот во близина на видиковецот Ојгардстолен.
Станува збор за прилично стрмни искачувања и спуштања, со вкупна висина од 600 метри, а искачувањето не се препорачува на дождливо време, бидејќи камењата се лизгави. Патеката е отворена само во летните месеци, односно меѓу јуни и септември, а потешките делови од искачувањето се опремени со помошни кабли.
Убавината на норвешките фјордови
Овој камен „Кјерагболтен“ и планината во чија пукнатина истиот се наоѓа се дел од сценографијата на норвешкиот фјорд - Лисефјорд. Станува збор за еден од најубавите фјордови во оваа земја поради необичните карпести формации и карпи кои нудат прекрасен поглед.
Покрај Кјерагболтен, тука е и локацијата Преикестолен, а целото искачување на планината е оаза на незаборавни сценарија. Ако не сте подготвени за искачување или имате страв од височини, можете да го истражувате фјордот и со брод, поаѓајќи од градот Ставангер.
Основа за бејс џампинг
Благодарение на невидено убавата глетка на Лисефјорд, планината Кјераг во Норвешка стана популарно место за екстремниот спорт „BASE“ скокање.
Бејс џампинг е скокање со падобрани од разни фиксни објекти како планини, карпи, згради и слично. Од оваа висорамнина на планината Кјераг, љубителите на бејс џампинг честопати „полетуваат“ кон бездната.