[ФОТО] Грда или чудесна? – Нема крај на расправата околу изгледот на библиотеката во Приштина

Точка

17/12/2024

21:16

3.576

Големина на фонт

а а а

Сместена во центарот на косовската престолнина – Приштина, зградата на Националната библиотека речиси е невозможно да не се забележи.

За некои, тоа е архитектонско чудо, со своите куполи како меурчиња и блескавата челична решетка. „Тоа е шлаг на тортата на Приштина и Косово“, тврди локалниот туристички водич Муамер Хасани.



Секогаш кога „пребарувате нешто за Приштина, првата фотографија која се појавува е онаа од националната библиотека“, додаде тој. За другите, пак, зградата изгледа ужасно.

„Таа е толку грда што заслепува“, изјави средовечен жител на Приштина кој сакал да остане анонимен. „Живееме со неа со децении. Иритантна е, но што можеме?“

Култен културен објект

Отворена во 1982 година, библиотеката беше сведок на сите клучни настани од турбулентната модерна историја – од распадот на Југославија и крвавата војна со Србија до независноста.

Нејзините 74 проѕирни куполи се дизајнирани природно да ги осветлуваат читалните. Челичната решетка која ја прекрива нејзината бруталистичка надворешност ја рефлектира сончевата светлина, ја лади зградата и ги штити книгите внатре во неа.

Хрватскиот архитект Андрија Мутњаковиќ, кој ја дизајнираше зградата, рече дека се обидувал да ја прикаже разновидната култура и историја на Косово.


„Како и секој архитект, вљубен сум во мојата зграда. Мило ми е што гледам дека и 40 години по изградбата таа е прекрасно сочувана како вчера да е отворена“, изјави Мутњаковиќ за АФП, и додаде дека не им посветува внимание на критичарите. Со ова се согласува и директорката на библиотеката Блерина Рогова Гаџа.

„Тоа е култен објект на косовската култура, кој ѝ дава идентитет на Приштина, бидејќи таа е зградата која привлекува најмногу погледи во главниот град“, рече Гаџа за АФП.


Проектот на Мутњаковиќ им оддава почит на античките култури кои некогаш владееле со Косово – Римјаните, Византијците, Турците и Илирите, рече таа. Но, за посетителите на главниот град на Косово, културните референци и архитектонскиот сјај не се секогаш видливи на прв, па дури и на втор поглед.

Желатинести јајца

Туристичката веб-страница „Lonely Planet“ ја нарече библиотеката „една од најистакнатите градби во Приштина“.

„Замислете желатинести јајца со оклоп“, се додава. „Зградата изгледа прилично чудно, но архитектурата е интересна“, вели Џули, студентка од Варшава, која ја фотографирала библиотеката од неколку агли.

„Можеби не е многу убава бидејќи има многу бетон, а однадвор е сива“, изјави Паула Герс, студентка од Германија. „Не би ја класифицирала како најгрда, имам видено многу полоши“, додаде таа.



За директорката на библиотеката, дебатата за нејзината естетика е среќа во несреќа. „Нема толку многу читатели како некогаш, но има исклучително многу домашни и странски посетители“, рече Гаџа.

Повеќето луѓе сакаат да ја посетат библиотеката и самите да откријат зошто има репутација на најгрда зграда, па така посетителите ја набљудуваат и однадвор, но и одвнатре.