Џорџа Мелони прогласена за највлијателна личност во Европа: „Ретко кој можеше да предвиди дека ќе опстане толку долго“

Точка

11/12/2024

21:07

1.508

Големина на фонт

а а а

Реномираниот магазин Политико секоја година традиционално избира луѓе кои ја одбележале политиката во Европа и ги класифицира во одредени категории. Една од категориите се однесува на највлијателната личност во Европа, а годинава тоа е италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Во описот на активностите на Џорџа Мелони, Политико истакнува дека за помалку од една деценија лидерката на десничарската партија „Браќа на Италија“ го поминала патот од ултранационалистички ентузијаст до изборот за премиерка на Италија, како и дека сега се етаблирала во политичка фигура со која Брисел, но и Вашингтон можат да соработуваат.


„Мелони беше на насловните страници ширум светот кога стана прва премиерка на Италија, но малкумина можеа да предвидат дека толку долго ќе опстои на оваа функција. Експертите очекуваа дека судирите неизбежно ќе ја поделат нејзината владејачка коалиција на десничарски партии, а во Брисел имаше многу малку разбирање за неа“, пишува Политико.

Сепак, во изминатите две години, Мелони ја консолидираше својата влада како една од најстабилните во повоена Италија.


„Иако земјата е оптоварена со национален долг од 137 отсто од нејзиниот бруто домашен производ, економската прогноза не е толку страшна за да ги исплаши странските инвеститори кои ги привлекува невообичаено мирното политичко окружување. Премиерката рутински ги користи судовите во обид да ги замолчи критичарите, поднесува тужби за клевета против различни личности од фронтменот на брендот „Placebo“, Брајан Молко, кој ја нарече „фашистка“ за време на концерт во 2023 година, до наставникот кој ја нарекол „неонацистка“ за време на дискусијата во училница. Таа исто така почна да ги критикува и новинарите на италијанската државна телевизија, која штрајкуваше на почетокот од оваа година во знак на протест против цензурата на владата.

Политико укажа и на нејзината расправа со претседателот на регионот Кампанија, Винченцо Де Лука.

„Откако претседателот на регионот Винченцо де Лука ја нарече ку*ка на предизборниот митинг. Таа по некое време, пристигна во регионот и го поздрави претседателот со зборовите: „Де Лука, јас сум таа ку*ка Мелони, како си?“, стои во анализата.


Со текот на времето, Мелони ја доби довербата на Брисел и од непожелна личност стана совршен партнер за Брисел.

„Наместо да ја осудат ерозијата на граѓанските слободи која се случува во Италија, лидерите на ЕУ тоа го отфрлија како внатрешно прашање. Откако дојде на власт, Мелони изврши импресивен идеолошки чин. Таа успеа да ја задржи анти-ЕУ реториката на минимум и ги избегна судирите со Брисел. Нејзиниот комплициран однос со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја потенцира моќта со која таа моментално располага. Претседателката на Комисијата со месеци ѝ се „додворуваше“ на десничарската лидерка во обид да ја добие нејзината поддршка за повторниот избор на чело на Комисијата. Меѓутоа и покрај тоа што италијанската премиерка беше воздржана кога се одржа клучното гласање, Фон дер Лајен и понатаму тежнееше кон негување на добри односи со Мелони“, објаснува Политико.


Останува прашањето дали Мелони ќе почне да го користи своето влијание надвор од Италија, особено во односите со новиот американски претседател Доналд Трамп.



„Досега Мелони главно го користеше своето влијание во Италија. Сега прашање е дали таа ќе почне да ги покажува своите „мускули“ на меѓународно ниво и дали со новиот ветер кој дува преку Атлантикот, ќе продолжи убаво да си игра со институциите како ЕУ и НАТО, или, како што сугерираат аналитичарите, ќе им се врати на своите десничарски корени“, додава Политико.