Одговорност за наставничка од ОУ „7 Март“ во Челопек, за приредбата со ученици во воени униформи со амблеми на УЧК

Нетпрес

04/12/2024

17:57

718

Големина на фонт

а а а

Записникот од вонредниот надзор е готов, инспекторите утврдија неправилности поради што одговорност ќе понесе една од наставничките која била организатор на приредбата, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во врска надзорот што завчера во училиштето „7 Март“ во Челопек го изврши Државниот просветен инспекторат.

-Ќе бидат информирани и директорот и градоначалникот за да постапат по закон, но она што е поважно, според мене, е дека и во ова училиште и во неколку други училишта каде што имавме пријави за нерегуларности, каде што, чесно ќе кажам не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе спроведеме обука за соживот, мултукултурализам, мултиетничност и за тоа ќе побараме поддршка и од ОБСЕ, изјави Јаневска денеска во Ректоратот на УКИМ каде што учествуваше на конференција „Подобро образование за посилен раст“.

Инспектори го посетија училиштето во тетовски Челопек откако таму на 28 ноември била организирана училишна приредба во која учествуваа ученици облечени во воени униформи со амблеми на УЧК и со пушки во рацете.

За настанот реагираше министерката Јаневска, која оцени дека таквиот чин е законски казнив и побара од ДПИ да изврши надзор во училиштето.