Корисниците на "ChatGPT" неодамна забележаа необичен проблем кој предизвика лавина реакции. Четботот на "OpenAI" од непозната причина одби да го напише името „Дејвид Мајер“. Ако некој побара да го напише ова име, "ChatGPT" ќе одговори дека се појавила грешка, ќе ја прекине сесијата и ќе го принуди корисникот да започне нов разговор.
Ситуацијата брзо предизвика шпекулации дека технолошките гиганти како "OpenAI" можеби ги користат нивните платформи за контрола на информациите. Некои корисници истакнаа дека тоа може да укаже на високо ниво на контрола за заштита на одредени интереси. Дискусиите набрзо се проширија низ форумите, при што многумина се обидуваа да најдат начини да го измамат системот – од користење кодови и загатки до промена на кориснички имиња. Сепак, ниту еден метод не донесе трајно решение.
Една популарна теорија го поврза проблемот со Дејвид Мајер де Ротшилд, познат наследник на семејството Ротшилд, сугерирајќи дека тој можеби ги искористил правата што му ги дава Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR). Оваа регулатива им овозможува на поединците да бараат отстранување на нивните податоци од технолошките платформи. Сепак, немаше докази дека името „Дејвид Мајер“ било ограничено од пребарувачите или конкурентните алатки за вештачка интелигенција.
"OpenAI не елаборираше за ова прашање, велејќи само дека нивниот чет-бот нема специфични ограничувања за името, освен кога тоа го бараат правилата за приватност или авторски права.
Иако грешката оттогаш е поправена, многу корисници останаа збунети и сомничави. Оваа ситуација дополнително го привлече вниманието на прашањето за транспарентност и контрола во светот на вештачката интелигенција.
Прашањата за тоа како алатките за вештачка интелигенција донесуваат одлуки кои информации можат (или не можат) да ги обработуваат ќе станат само поважни, особено сега кога "OpenAI", по инвестицијата од 6,6 милијарди долари, се проценува на огромни 157 милијарди долари.