Укинат притворот на поранешниот министер за градежништво на Србија, Горан Весиќ

Макфакс

27/11/2024

18:52

262

Големина на фонт

а а а

Укинат е притворот на поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, Горан Весиќ, кој беше уапсен поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад кога загинаа 15 лица, соопшти Вишиот суд во Нови Сад, пренесуваат тамошните медиуми.

„Вонистражниот совет на Вишиот суд во Нови Сад, одлучувајќи по жалбите на Вишото јавно обвинителство и бранителот на осомничениот, му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ, утврдувајќи дека и од наредбата за истрагата, како од доказите доставени од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад во списите на предметот, засега не постои основано сомнение дека сторил тешко кривично дело против општата безбедност“, се вели во соопштението на Вишиот суд, стои во написите на медиумите.


Тој суд навел дека јавниот обвинител „досега не доставил докази кои укажуваат на постоење на основано сомнение за причинско-последична врска помеѓу дејствијата опишани од обвинителот и пропуштањето на осомничениот Горан Весиќ со последиците што произлегуваат од тоа“.

„Советот оцени дека жалбените наводи на В.Ј.Т за постоење на влијание врз сведоци и други стравови се бесмислени, па му го прекина притворот на осомничениот Горан Весиќ и нареди веднаш да биде пуштен на слобода“, соопшти Вишиот суд во Нови Сад.


Весиќ, кој поднесе оставка по падот на настрешницата на Железничката станица, беше уапсен на 21 ноември.

Под сомнение дека се одговорни за падот на настрешницата од зградата на железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 15 лица, уапсени се уште 12 лица.

Горан Весиќ и Небојша Шурлан поради здравствени проблеми се пренесени од притвор во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Сремска Каменица, пишуваат српските медиуми.



Спонзорирани линкови

Маркетинг