Трендафилов: Со мизерни плати работниците имаат пари само за билет во еден правец, и тоа надвор од Македонија

Макфакс

27/11/2024

14:43

897

Големина на фонт

а а а

Главна причина поради која има недостиг на работна сила во земјата се ниските плати и злоупотребите што ги прават газдите во последните 34 години, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Ниските плати, според него, се главна причина што работниците заминуваат од Македонија.

„Тоа што денес работниците поради ниските плати заминуваат да работат во некои други држави, да градат некои други економии, мислам дека треба да биде најголемиот пораз за овие газди што ја злоупотребуваа работната сила. За потсетување, толку колку што сме продуктивни, им створивме огромен капитал, огромни богатства. Ги украдоа компаниите во минатото, ги задржаа за себе и токму тоа е причината да зборуваме 34 години од независноста на Македонија повторно за недостиг на работна сила. Ако вие ги плаќате мизерно, тогаш тие имаат пари само за билет во еден правец, а тоа е надвор од Македонија“, вели Трендафилов.

За него, многу загрижувачки е обидот на претходната влада за увезување работници, кои газдите ќе ги плаќаат помалку од домашните.


„Македонија стана една туристичка агенција, која ги носеше работниците од Непал, од Индија, од Пакистан, од Бангладеш и потоа од тука заминуваа во некоја од земјите во Европската Унија, каде што, се разбира, заработуваат подобро отколку во Македонија“, рече Трендафилов.

На седница на Економско-социјалниот совет во декември ќе се разговара за покачување на минималната плата што ССМ уште во мај годинава побара да биде 450 евра. Трендафилов сега вели дека ќе настојуваат преку бројки на Владата да покажат дека за државата нема да биде голема оптоварување доколку се зголеми минималната плата.


„Денеска, во Македонија, според последните податоци, 25.000 работници примаат плата во висина на минималната, а 10.000 работници земаат плата од 1 денар до 22.000 денари. Она што е поразително е што сите овие работници примаат плата во плик за која не се плаќаат придонеси од задолжителното социјално осигурување и 250 милиони евра на годишно ниво ја чини државата во однос на неплатените придонеси во Фондот. Ги очекуваме последните податоци од Управата за јавни приходи за тоа колку работници во државата примаат минимална плата од 22.567 денари до 27.000 денари или пет илјади денари зголемување на минималната плата што го бараше ССМ. Сакаме да ѝ покажеме на државата, впрочем, дека во јавниот сектор многу мал број работници примаат минимална плата и за многу мал број работници ќе биде оптоварен буџетот. А газдите во приватниот сектор не треба никој да ги жали, најмалку ние, Синдикатот“, вели Трендафилов.

Министерот за економија, пак, Бесар Дурмиши, денес рече дека доколку се прашува тој, минималната плата треба да биде 600 евра.




Спонзорирани линкови

Маркетинг