Aхмети му се пожали на бугарскиот амбасадор: Албанците избрани од ВМРО ДПМНЕ се откажаа од Европа

Макфакс

12/10/2024

14:11

1.799

Големина на фонт

а а а

Во седиштето на Демократската унија за интеграција, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го прими амбасадорот на Бугарија во Скопје, Жељазко Радуков.

Како што информираа од ДУИ, Али Ахмети му честитал на амбасадорот Радуков за враќањето во Северна Македонија и го уверил дека блиската соработка во поглед на европската иднина и добрососедството ќе продолжи уште повеќе.

Ахмети и Радуков разговараа за преговарачката рамка на Европската Унија и интеграцијата на земјата во ЕУ, како и за актуелната политичка состојба во земјата и регионот.

„Преговарачката рамка одобрена од Европската унија е јасна и мора да се спроведе за да го продолжиме нашето патување кон Брисел“, велат од ДУИ.

Бугарската заедница во Северна Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот, а од ова никој ништо не губи, напротив, сите добиваат, беше кажано на средбата.


Ахмети подвлече и дека приоритет на ДУИ е токму продолжување на европскиот пат, затоа уставните измени мора веднаш да се случат бидејќи граѓаните очекуваат да станеме дел од Европската Унија.

Првиот човек на ДУИ повтори дека Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство се одредби на ДУИ и ќе се ангажира за нивна поддршка и имплементација.

Ахмети и Рудаков разговараа и за политичката состојба во земјата, при што Ахмети зборуваше за, како што рече, тенденцијата на власта со моноетнички легитимитет и на надгласувачкиот Уставниот суд целосно да го прекрши Охридскиот договор, неговиот дух и социјалната кохезија кај нас со наметнување етничка надмоќ.

„Ова е неприфатливо. ‘Чесните’ и претпочитани Албанци избрани од ВМРО ДПМНЕ се откажаа од Европа, но и од еднаквоста, омаловажувајќи ги и понижувајќи ги Албанците за нивните лични корумпирани мотиви“, додаде Ахмети.