Партиски превирања за медиумските слободи: Филипче ја критикува Владата, ВМРО-ДПМНЕ возврати

Макфакс

30/04/2026

10:05

190

Големина на фонт

а а а

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека Македонија под водство на премиерот, Христијан Мицкоски, паднала за три места на Индексот за слобода на медиумите на организацијата „Репортери без граници“ и дека сега се наоѓа во групата земји со „проблематична состојба“.

Во објава на „Икс“, Филипче оцени дека тоа е доказ за, како што наведе, влијанието на „Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски“ врз медиумскиот простор во земјата.

„Ова е уште еден доказ како Орбановата медиумска мрежа во служба на Мицкоски ‘исполнува’ една од клучните реформски точки за ЕУ – слобода на медиуми“, напиша Филипче.

На неговите обвинувања реагираше ВМРО-ДПМНЕ, од каде соопштија дека Филипче нема кредибилитет да зборува за слободата на медиумите.

Од партијата тврдат дека СДСМ и Филипче имале конфликтен и арогантен однос кон новинарите и медиумите и дека „нема медиум и новинар со кој не се скарале“.

Во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека односот на СДСМ кон медиумите бил „крајно арогантен, срамен и во одредени случаи безобразен“, а Филипче го повикаа, како што велат, „да размисли за сопствениот однос кон новинарите пред да коментира за медиумските слободи“.