Катастрофален пад: По период од половина век популацијата на дивите животни се намалила за дури 73%

Точка

10/10/2024

12:38

11.671

Големина на фонт

а а а

Забележан е пад од 73% на популациите на набљудувани диви животни, во периодот од 1970 до 2020 година, според новиот извештај на „WWF (World Wide Fund for Nature)“, којшто светската организација за заштита на природата го нарече „катастрофален“.

Индексот на живиот свет (LPI) којшто ја следи состојбата со бројот на популацијата на дивите животни, вклучувајќи речиси 35.000 популациски трендови за 5.495 видови од 1970 до 2020 година.


Најголем пад е забележан во слатководните екосистеми (85%), потоа копнените (69%) и морските (56%).

Најголема закана за популациите на диви животни претставува губењето и деградацијата на нивните места на живеење, а како причина за тоа „WWF“ го наведува човековиот прехранбен систем, како и климатските промени кои претставуваат закана за дивите видови во Латинска Америка и на Карибите, каде е забележан шокантен, просечен пад од 95%.


„WWF“ објаснува дека падот на популацијата на дивите видови може да биде ран показател на зголемениот ризик од измуирање и потенцијално губење на здравите екосистеми.

„Кога екосистемите се оштетени, тие престануваат да нѝ ги нудат бенефитите од коишто зависиме, чистиот воздух, водата и здравата почва за одгледување растенија. Точката на прекршување се случува кога екосистемот ќе „се бутне“ над критичниот праг, што доведува до значајни и потенцијално неповратни промени“, велат од „WWF“.


Пример за таквите точки на прекршување е потенцијалното исчезнување на Амазонската прашума и масовното изумирање на коралните гребени, а оваа организација потенцира дека тие „имаат големо влијание врз целата планета и можат да ја загрозат безбедноста на храната и приходите“.

Благодарение на ефикасните напори за зачувување, некои популации на диви животни се стабилизирале или зголемиле, како што се планинските горили во планините Вирунга во источна Африка, чијашто бројка се зголемила за околу 3% годишно во периодот од 2010 до 2016 година, додека во централна Европа се врати европскиот бизон.


Меѓутоа, „WWF“ смета дека ваквите изолирани успеси не се доволни. И покрај меѓународните договори за зачувување на природата како што е Глобалната рамка за биолошка разноликост, Парискиот договор и целите на одржлив развој на ОН, извештајот за состојбата на планетата националните обврски и состојбата на теренот „се далеку од она што е потребно за постигнувањето на целите за 2030 година и одбегнување на опасните точки на прекршување“.

Во текот на следните години ќе биде потребен голем, заеднички напор за решавање на „двократната криза на климатските промени и губењето на биоразновидност, додека Земјата им се приближува на опасните точки на прекршување кои претставуваат сериозна закана за човештвото“, предупредуваат во соопштението.