Гостувајќи во подкастот на „Сител“ телевизија, легендарниот македонски спорски коментатор Атанас Костовски беше запрашан да го состави идеалниот тим на националната фудбалска селекција, со можност да ги вброи фудбалерите од сите генерации.
Популарниот „Таско“, кој во 2022 година беше добитник на државната награда „Осми септември“, се одлучи за проверени имиња, во кои доминираат „вардарците“ од шампионската генерација во 1987 година, но и повозрасни. Најмлад фудбалер во неговиот избор е Горан Пандев.
– Ќе тргнам од оние што сум ги гледал. Веднаш би го ставил како голман Благое Видиниќ, како „деветка“ би бил Дарко Панчев, а како „десетка“ Горан Пандев. „Единаесетката“ е за Мето Спасовски, а „седмицата“ за Мирко Илиевски. „Осмица“ може да биде Тони Савевски.
– „Петка“ е Илија Најдоски, а „двојката“ е за Вујадин Станојковиќ. Драган Канатларовски би бил „четворка“. Е сега, за „шестка“ има многу кандидати, може Чеде Јаневски. Ми остана „тројката“, би му ја дал на Часлав Божиновски. Тој играше „петка“, но заслужил да се најде меѓу нив. Прва резерва би бил Андон Дончевски, како и Шулинчевски кој не е меѓу првите поради Панчев.
Коментирајќи го квалитетот на фудбалерите во Македонија, Костовски изрази жалење што некои од нив имале голема конкуренција во тогашните југословенски ѕвезди.
– Сме имале извонредни фудбалери, најоштетен е Мето Спасовски. Според мене, тој е еден од нашите најдобри фудбалери, но играше во времето на Драган Џаиќ,- објасни „Таско“.