[ВИДЕО] Детето – убиец од Србија го изнесуваат од клиника: За првпат во судницата ќе се соочи со родителите на убиените деца

Точка

08/10/2024

09:43

5.819

Големина на фонт

а а а

Во Специјалниот суд во Белград ќе се одржи рочиште за обвинетите родители на малолетникот кој на 3 мај 2023 година изврши масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“, а детето е повикано да се сведочи.

Детето – убиец којшто на трети мај минатата година го изврши масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“, денес за прв пат по злосторството предвидено е да излезе од болницата, во којашто е сместен од трети мај 2023, и да сведочи пред судот во постапката која се води против неговите родители.


На Миљана и Владимир Кецмановиќ (родителите) им се суди во Вишиот суд во Белград, а добро информиран извор за српските медиуми вели дека родителите ја негираат вината. Според неофицијалните информации родителите пред судот веќе ја изнеле својата одбрана, меѓутоа одбиле да одговараат на прашањата на адвокатите на семејствата на убиените деца.

Камерата снима

Постојат две можности, првата е детето – убиец да сведочи од т.н. „куќичка“ за сведоци – соработници и за особено чувствителни сведоци, или како и сите останати сведоци пред судската говорница којашто се наоѓа на средина од судницата.

„Куќичката“ за сведоци е затемнета со темни стакла и одделена од остатокот од судницата.


Доколку биде одлучено, малолетниот убиец да не сведочи пред судската говорница, тој ќе биде во судницата, но во посебно одделена „куќичка“. Низ темното стакло, тој ќе може да ги види присутните, додека присутните нема да можат директно да го гледаат туку преку екраните поставени во судницата. Имено, во таа просторија постои камера којашто ја снима личноста која седи во „куќичката“ а снимката директно се пренесува на екраните во судницата.

Според изворот на српските медиуми, на судењето ќе присуствува и психолог, којшто заедно со детето – убиец ќе пристигне од психијатриската клиника.

Се очекува дека детето рано утринава со возило ќе биде префрлено од клиниката во зградата на Специјалниот суд, а додека да започне судењето тој секако нема да престојува во ходникот пред судницата.


Најбезбедна судница

Судницата „1“ во зградата на Специјалниот суд во Белград е една од најбезбедните во Србија. Во неа се одржува и судењето на Урош Блажиќ којшто е обвинет дека го извршил масакрот во Мало Орашје и Дубона, при што тој уби девет и рани 12 лица.

Пред почетокот на сведочењето, како и вообичаено, претседателот на судскиот совет на детето ќе му ги соопшти неговите права, но и ќе го предупреди дека како сведок тој е должен да ја кажува вистината, а откако ќе ја положи заклетвата ќе започне неговото испитување.


Детето – убиец, којшто во време на извршувањето на злосторството имаше 13 години и поради тоа не потпаѓа под кривична одговорност, беше сослушан како сведок, во рамки на истрагата која беше водена против неговиот татко, додека мајката подоцна беше обвинета. Таткото се обвинува за тешко кривично дело против општата безбедност, односно дека оружјето за коешто поседувал дозвола не го чувал соодветно, како и дека детето го носел во стрелиште каде го учел како да пука. Мајката е обвинета за незаконско чување на оружје, бидејќи на остатокот од еден испукан куршум во просторијата на училницата беше пронајдена нејзината ДНК.

Поставување прашања

За прв пат, малолетниот убиец би требало да се соочи „очи в очи“ со родителите на убиените деца, како и со семејството на чуварот на училиштето којшто исто така го убил.


Сите учесници во постапката, судскиот совет,тужителите, адвокатите на одбраната, застапниците на оштетените семејства како и самите оштетени ќе имаат можност да му постават прашања на детето, а како сведок тој ќе мора да одговори на нив.