Тајсон Фјури (36) има постигнато 34 победи во својата боксерска кариера, една нерешена борба и еден пораз. Подобар од него беше само Олександр Усик (37), којшто во мај со поделена судска одлука победи во нивната меѓусебна борба. Меѓутоа Фјури вели дека Усик не е најсилниот противник со кој боксувал, туку таа титула му ја додели а Деонтај Вајлдер (38).
Единствената нерешена борба на Тајсон беше токму со Вајлдер на почетокот од 2018 година, по што тие двајца имаа уште две меѓусебни борби во февруари и октомври 2022 година, а Фјури оствари победа и во двата меча. Фјури во разговор со Пол Демпси објасни зошто смета дека Вајлдер е најсилниот негов противник.
„Го гледав како ги нокаутира луѓето така што нозете им се тресеа на подот“
„Тој беше на својот врв кога се боревме, беше динамичен „удирач“, оној којшто треба да го победиш, а доколку направиш само една грешка, ќе биде готово во која било рунда прва или 12. Го гледав како ги нокаутира луѓето така што им се тресеа нозете на подот, застрашувачки нокаути. Влегувајќи во ринг со него не помислував на тоа дека ќе ме заспие или дека ќе ме погоди со своите удари, само размислував за тоа дека морам да боксувам, како и секогаш. Никогаш не размислувам дека треба да ги држам рацете кренати поради некој противник. Моите раце поголем дел од мојата кариера беа спуштени долу и таму и ќе останат. За жал, таков сум. Ако морам да добијам удар в лице, ќе го добијам. Веќе многу од нив добив“, изјави Фјури, којшто на 21 декември во Саудиска Арабија повторно ќе има борба со Усик.
Вајлдер има 43 победи, од кои 42 со нокаут
Вајлдер од 2015 до 2020 година беше светски шампион според „WBC“. Како аматер во 2008 година освои бронзен медал на Олимписките игри, додека во професионалната кариера има 43 победи (42 нокаути), една нерешена борба и четири порази. Познат е по силните удари и го носи прекарот „бронзен бомбардер“.