Од раѓање имал тежок живот, а на 5 години целосно го изгубил гласот: Филмската животна приказна на Џејмс Ерл Џонс

Точка

10/09/2024

19:00

3.374

Големина на фонт

а а а

И покрај тешкиот живот, легендарниот актер Џејмс Ерл Џонс успеа да преброди сè и да стане едно од најголемите имиња во Холивуд.

Полиците на Ерл ги красат многу награди: 3 Тони, 2 Еми и 1 Греми, а за улогата во филмот „The Great White Hope“ заработи и номинација за Оскар.

Тој е најпознат како актерот кој го даде гласот за славниот Дарт Вејдер во „Star Wars“ и Муфаса во „The Lion King“.

Џејмс Ерл Џонс е роден на 17-ти јануари 1931 година во Мисисипи, а уште тогаш сè навестувало дека ќе има живот кој воопшто нема да биде едноставен.

Неговата мајка била куќна помошничка, додека татко му бил боксер кој заработувал за живот работејќи како шофер и батлер, сè додека не го напуштил семејството непосредно по раѓањето на Џејмс и станал успешен актер во Холивуд.


Кога имал само 5 години, Џејмс се преселил од Мисисипи во Мичиген, каде го одгледале неговите баба и дедо по мајка; за него ова било толку трауматично искуство што оставило трајни последици.

Имено, како резултат на наглата промена на средината, Џејмс како мало дете одбивал да зборува и многу брзо развил говорна мана од која не успеал да се ослободи до крајот на животот.

„Пелтечев. Не можев да зборувам. Така, првата година на училиште ми беше прва година без глас, а потоа тие неми години продолжија додека не стигнав до средно училиште“, сподели еднаш актерот.

За повторното пронаоѓање на неговиот глас, Џејмс му бил благодарен на својот професор по англиски јазик, Доналд Крауч, со чија помош ја открил својата љубов кон поезијата и читањето на истата наглас.

По завршувањето на средното училиште, тој направил пауза од студиите по медицина за да служи во американската војска за време на Корејската војна, по што направил пресврт во кариерата и се посветил на актерството.


Конечно, во 1955 година дипломирал на драмскиот отсек на Универзитетот во Мичиген, а во текот на 50-те го запознал и својот татко, на кого не можел да се сети бидејќи рано го напуштил.

Благодарение на неговиот величествен талент и специфично длабок глас, Џонс од самиот почеток добива улоги во важни проекти, а ако Дарт Вејдер и Муфаса ви звучеле познато, сте биле во право - тоа навистина е Џејмс Ерл Џонс.

Своето деби на Бродвеј го имал во 1957 година во претставата „Sunrise at Campobello“.

Благодарение на значајните улоги кои ги остварил во претставите во рамки на проектот „Шекспир во паркот“, брзо се стекнал со репутација на почитуван и баран уметник.

Серијата претстави одиграни во њујоршкиот Централ парк се базирани на најголемите дела на Шекспир, меѓу кои: „Отело“, „Хамлет“ и „Кралот Лир“.


„Штиците што живот значат“ беа составен дел од животот на Џонс, а за улогата во претставата „The Great White Hope“ ја доби наградата Тони за најдобар театарски актер.

Подоцна, тој ја оживеа истата улога во филмската адаптација во 1970 година, за која беше номиниран за Златен глобус и Оскар.

Своето филмско деби го имаше со улогата во „Dr. Strangelove“ на Стенли Кјубрик, а целосно се повлече од актерството во 2022 година.

Приватен живот

Во 1968 година, актерот се ожени со својата прва сопруга, пејачката Џулиен Мери, која ја запознал за време на изведувањето на претставата Отело во 1964 година. Парот немаше деца, а се разведе во 1972 година.

По 10 години, тој му даде втора шанса на бракот со актерката Сесилија Харт, со која доби син по име Флин. Сесилија почина во 2016 година поради битка со ракот.


Истата година, Џејмс за првпат зборуваше за својата повеќедецениска битка со дијабетес тип 2, кој му бил дијагностициран во средината на 1990-те.

Легендарниот актер почина вчера на 94-годишна возраст во својот дом во Њујорк, оставајќи зад себе блескава кариера исполнета со одлични улоги и големи достигнувања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг