Ендрју Тејт ставен во домашен притвор, нови обвиненија против инфлуенсерот

Точка

23/08/2024

16:50

1.569

Големина на фонт

а а а

Судот во Романија нареди контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт да биде ставен во домашен притвор додека обвинителите ги истражуваат наводите за нови сериозни обвиненија, вклучително и секс со малолетник и трговија со деца.

Тој и неговиот брат Тристан попладнево се појавија на суд. Тристан бил ставен под посебен судски надзор, објави "BBC". Обвинителот побара од судијата да им одреди притвор на браќата во траење од 30 дена додека продолжува новата истрага во која се вклучени вкупно 35 наводни жртви, меѓу кои и една жена која тогаш имала само 15 години.

Во соопштението на романската агенција за борба против организираниот криминал, "DIICOT", се наведува дека се приведени вкупно шест лица, Романци и странци. Ендрју Тејт даде лута изјава пред новинарите надвор од судницата, негирајќи ги наводите и опишувајќи ги како измислици и лаги. Новинарите постојано бараа од него да ги коментира наводите за секс со 15-годишно девојче и трговија со малолетници, но тој се оддалечи, одбивајќи да одговори.

Браќата Тејт претходно беа обвинети за трговија со луѓе, а Ендрју Тејт за силување. Тие сè уште го чекаат судењето за тие обвиненија. Пред една година беа ослободени од домашен притвор и им беше кажано да не ја напуштаат Романија.

Тогаш тие остро ги негираа сите обвинувања, а во меѓувреме се појавија и нови. Агенцијата за организиран криминал тврди дека обвинетите влијаеле на „загрозени поединци“, кои потоа биле сместени на различни локации и ги принудувале да произведуваат порнографски материјал за пренос на интернет.

Tејт е обвинет дека повеќе пати имал сексуални односи со девојка која имала 15 години кога се запознале. По неколкучасовно испрашување во канцелариите на "DIICOT", Ендрју Тејт рекол дека последните наводи се „патетични“ и дека обвинителите се очајни. Тој рекол дека „измислиле многу“.

Тој, исто така, рекол дека е обвинет за искористување на мајката на неговите деца, техника што ја користат криминалците за да ги ловат ранливите жртви и потоа да ги искористат.

Тејт случајот против него го нарече некој вид на мејнстрим заговор за да го замолчат. Во новото соопштение, обвинителите ги обвинуваат браќата дека купиле четири луксузни автомобили и ги регистрирале на туѓи имиња за да ги скријат приходите од, како што велат, нивните недозволени активности.

Севкупно, обвинетиот наводно заработил 2,8 милиони долари преку сексуална експлоатација. Приведените се товарат и за обид за заплашување на жртви и сведоци.

За време на 10-часовниот претрес на четири имоти во средата, инспекторите запленија готовина и други предмети, вклучувајќи луксузни часовници, лаптопи, хард-дискови и документи. Заплениле и 16 луксузни автомобили.

Браќата Тејт беа приведени во средата доцна навечер по сослушувањето, заедно со четворица романски државјани. Но, за да ги задржат повеќе од 24 часа, обвинителите мораа да ги изведат пред судија, а браќата неколку часа подоцна се појавија на суд.