Новата спортска драма со Зендаја има речиси совршен резултат на „Rotten Tomatoes“

Точка

15/04/2024

16:47

2.044

Големина на фонт

а а а

Спортската драма „Challengers“ на италијанскиот режисер Лука Гвадањино, во која главните улоги ги толкуваат Зендаја, Џош О'Конор и Мајк Фаист, пристигнува на почетокот на мај.

Заплетот ја следи Таши (Зендаја), некогаш млада и успешна тенисерка која поради повреда мора засекогаш да престане да игра тенис. Таши ги запознава Арт Доналдсон и Патрик Цвајг и се мажи за Арт, кого години подоцна го тренира за победа на Гренд слем турнири. За да го извлече од низата порази, таа го принудува да игра на турнир од пониско ниво познат како Челинџер, каде Арт ќе се соочи со Патрик, поразениот ривал со кој и двајцата имаат комплицирано минато.

Критичарите воодушевени од спортската драма

Драмата моментално е оценета многу високо од критичарите на „Rotten Tomatoes“; врз основа на повеќе од 50 рецензии, филмот има речиси совршени 96 отсто. Сепак, со оглед на моментално релативно малиот број рецензии, резултатот може да се промени во иднина.

„Вклучува три прекрасни изведби и разиграно-експериментална режија, „Challengers“ е свеж, возбудлив и енергичен“, напишала Морин Ли Ленкер од „Entertainment Weekly“.

Питер Дебруж од „Variety“ исто така напишал позитивна рецензија: „Заплетот може да звучи застарено, но сепак постои искра во пристапот на Гвадањино што го издигнува материјалот, правејќи го свеж“.


Филмот доби пофалби и од Дејвид Руни од „Hollywood Reporter“ кој напишал: „Паметен, заводлив и полн со сексуална напнатост, „Challengers“ е несомнено најпријатниот филм на Лука Гвадањино досега“.

Позитивна критика напишала и критичарката Кларис Лофри од „Independent“. Таа за „Challengers“ вели: „Тоа е најинтересниот спортски филм во последните неколку години“.

Проекцијата на филмот во кината започнува на 2-ри мај.



Спонзорирани линкови

Маркетинг